ВМРО-ДПМНЕ:За разлика од СДСМ, ние сме земјоделска Влада, која го разбира земјоделецот и неговата мака

„Навистина е жално да се гледа кога земјоделецот и неговата напорна работа е злоупотребуван за политички цели. Ова денеска го направи по којзнае кој пат СДСМ со струмичките земјоделци, преку луѓето на Заев,“ регираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Тие додаваат дека луѓето кои денеска даваа изјава Митко Тотушев и Аце Милчев во Струмица и струмичко се познати како блиски луѓе на Зоран Заев и СДСМ.

„Ако тие двајца немаат добиено субвенции тоа единствено може да е заради недоставување на комплетна и неопходна документација до државните институции за што и самите треба да се свесни.

Прашуваме зошто не се бунеа овие луѓе кога Заев и СДСМ бараа да не им се исплаќаат субвенции се додека не поминат изборите и не се формира Влада. Тогаш никој не рече ни збор, а токму тоа барање на СДСМ ја успори значително исплатата на субвенциите.

ВМРО-ДПМНЕ за разлика од СДСМ е земјоделска Влада, која го разбира земјоделецот и неговата мака. Ние сме партија која го помага земјоделството со рекордни 600 милиони евра субвенции исплатени досега. И понатаму ќе продолжиме со поддршката на земјоделецот и уште толку субвенции ќе исплатиме следните години. До последен денар сите субвенции ќе се исплатат – ние сме луѓе од збор и дело, тоа земјоделците го знаат,“ велат од ВМРО-ДПМНЕ.