Зоран Заев молчи на сите изјави дадени од бугарски функционери кои претставуваат директен напад врз Република Македонија, иако тој како премиер е должен да ја брани земјата и да работи во нејзин интерес, реагираат во вторникот од ВМРО-ДПМНЕ.
„Остануваат уште три недели до најавеното потпишување на договорот со Бугарија, а јавноста единствено што знае е подготвеноста на Заев да ги брише учебниците по историја. Додека Заев најавува бришење на учебниците пратеникот во Европскиот парламент, Андреј Ковачев јавно без тронка срам изјави дека Македонија има сото отсто фалсификувана историја. Тоа. според Ковачев, е основата на која се базира договорот за добрососедство кој Заев го договори во Софија“, се истакнува во реакцијата.
ВМРО-ДПМНЕ го потсетува Заев дека македонскиот народ има право да знае какви отстапки направил, имајќи предвид дека експертите од Бугарија толкуваат дека со договорот „се става крај на македонизмот“, а сита овие напади не само што не се демантирани, туку и се премолчени од институциите предводени од СДСМ.
Уште поскандалозно, според ВМРО-ДПМНЕ, е што на сетво ова Македонската академија на науките и уметностите, како највисока стручна и научна институција во државата, нема никакви информации што содржи договорот со Бугарија кој Заев го преговараше во Софија.
„Неприфатливо е МАНУ да замижува пред нетранспарентноста на Владата. Таки Фики како претседател на институција со најголем научен потенцијал во Македонија треба од Заев да побара увид во договорот кој е од особено значење за државата“, се вели уште во ракцијата.
Се посочува, исто така, дека молкот за ваквите суштински прашања од страна на МАНУ и нејзиниот претседател отвораат простор за ови напади и нови омаловажувања на македонскиот народ.
Од ВМРО-ДПМНЕ нагласуваат дека се за градење на добрососедски односи темелени на заемно почитување, и оти партијата ќе ги поддржи сите иницијативи кои се во насока на подобрување на односите со соседите, но ништо што е во спротивност со интересите на македонскиот народ и на неговата држава.