ВМРО-ДПМНЕ: Заев лицемерно ги осиромашува граѓаните, па потоа им брише камати на долгови

Власта на Заев е лицемерна, од една страна најавува отпис на камати за долгови, а од друга страна ги поскапува сите сметки и трошоци за живот на граѓаните. Дополнително, основните продукти во потрошувачката кошница се поскапени за десетина проценти, а маслото за јадење за скоро 50%, велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

– Отписот на каматите е само гол популизам пред избори со кој власта сака да купи социјален мир, но како ќе купува социјален мир кога поради нивната неспособност и неодговорност Македонија ја претворија во најсиромашната и најкорумпираната држава во Европа? Само минатата година има 6.200 затворени фирми, 60 илјади нови невработени, а 600.000 лица живеат во сиромаштија. Воведуваат поскапување на водата, горивата и струјата, а граѓаните едвај крај со крај врзуваат. Секое семејство го задолжија во просек од 4.800 евра нов долг откако се на власт, а јавниот долг го искачи на над неверојатните 7 милијарди евра. Овие 4 години власт на Заев се 4 изгубени години за граѓаните – велат од ВМРО-ДПМНЕ.