Заев заборави сѐ што им кажуваше на родителите на децата убиени кај Смилковско, дали коалицијата со ДУИ е причина за тоа?, прашуваат во саботата од опозициската ВМРО-ДПМНЕ од каде велат дека Зоран Заев и „криминалниот картел“ кој го води ја спроведуваат Тиранската платформа на сметка на правото и правната држава.
Во реакцијата, исто така, се истакнува дека убијците во случајот „Монструм“ се на слобода, а неистомисленици на Зоран Заев неосновано се притвораат.
„Зоран Заев пред изборите тврдеше и ги манипулираше семејствата на убиените дека ја знае вистината за бруталната егзекуција кај Смилковско езеро. Заев, повеќе години водеше морбидна кампања и го искористи свирепото убиство за собирање политички поени. Сега откако е на власт, Заев тврди дека нема докази за ѕверската ликвидација кај Смилковско езеро и дека, ако ги имал истите и ќе ги објавел. Заев лаже и манипулира“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата велат дека додека беше опозиција Зоран Заев алудираше на поврзаноста на ДУИ со убијците.
„Според исказот на семејствата, тој им покажувал транскрипти од разговори помеѓу Невзет Бејта и Фејзи Азири, а тврдел и дека пет од броевите кои се заведени како државна тајна се на функционери од ДУИ. Наеднаш Заев заборави на се што им кажуваше на родителите. Дали коалицијата со ДУИ е причина за неговата амнезија?“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Според ВМРО-ДПМНЕ, Заев и криминалниот картел кој го води си поиграа со целата држава и граѓаните.
„Зоран Заев ги окупираше институциите и ја зароби државата. Правото не се применува, а наместо доказите и аргументите политиката е во преден план. Институциите не работат. Чесни граѓани се влечат по притвори и судови, а веќе осудени убијци се пуштаат на слобода. Државата ништо не презема за правосилно осудените убијци Алил Демири и Африм Исмаиловиќ да бидат екстрадирани во државата, но затоа малтретира лекари, режисери, актери и докажани општествени дејци. Ова незаконие мора да запре. Злоупотребата на институциите и девалвирањето на правото мора да запре. Граѓаните заслужуваат правна држава и стабилни институции. Граѓаните заслужуваат подобро“, во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.