ВМРО-ДПМНЕ: Здравството го тресат скандали

Здравствениот систем е во тотален хаос. Неодговорноста на СДСМ секојдневно се гледа низ болничките ходници. Здравството го тресат скандали и пропусти, а од власта нема ни трага ни глас. Транспарентност нула. Одговорност нема, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

-Граѓаните прашуваат власта молчи. Состојбата на гинеколошко акушерската клиника е алармантна. Пациентите се преплашени и очекуваат одговор. Колку новороденчиња починале на ГАК изминативе 10 дена? Дали е точно дека е најдена бактеријата МРСА на креветчињата на бебињата и на раните на оперираните пациентки, бактерија која може да предизвика фатални последици по животот на новороденчињата? Ја штити ли некој директорката на штета на пациентите само заради тоа што е блиска пријателка на сопругата на премиерот Зоран Заев ? Власта должи одговори, порача Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ.

Јавноста вчера се потресе од нов скандалозен случај.

-Татковци по болничките ходници се пресметуваат со болничкото обезбедување заради тоа што им се нудат бебиња со друго презиме. Размислува ли некој на ГАК за траумите што ги предизвикуваат ? Ова е недозволиво и крајно неодговорно. Кој ќе одговара за стресот и нервозите кои ГАК го предизвика на ова семејство. Власта не смее да бега од одговорност. Ова е само уште еден од низата скандали на ГАК. Имено пред една недела поради грешка во болницата родилка ја напуштила ГАК со туѓо новороденче.        Одговорност мора да има за секој еден пропуст. СДСМ мора да понесе одговорност за десетиците смртни случаи на новороденчиња низ државата, недостатокот на лекови за ретки болести и рак, недостатокот на инсулин, нефункционалните медицински апарати и здравствените последици предизвикани врз граѓаните поради оваа неодговорност, вели таа.

Од ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека поради ваквата неодговорност изминативе 8 месеци откако СДСМ ја води Република Македонија, државата падна на европскиот индекс за мерење на квалитетот на здравствените услуги за 2 места.

-СДСМ ветуваше добро јавно здравство, а донесе безредие и хаос. Граѓаните не гласа за вакво здравство. СДСМ ги разочара сите. Едно се ветуваше, друго реализира. СДСМ покажа колку му значи здравството со неименувањето на министер со месеци. Неодговорноста не смее да продолжи. Здравството не смее да остане заборавено. СДСМ итно да запре со импровизациите и неодговорниот однос кон здравството.        Квалитетната здравствена заштита е право на граѓаните, а обврска на власта. Граѓаните заслужуваат подобро здравство, додаде Стојаноска.