Внимателно тргување на берзите во Европа, благ раст во Азија на почетокот од трговската седмица

На европските берзи во понеделник претпладнето се тргува внимателно а индексите стагнираат, додека инвеститорите ги очекуваат новите деловни извештаи од компаниите и економските показатели.

Индексот STOXX 600 на водечките европски акции беше речиси непроменет во првиот дневен пресек, откако минатата седмица скокна за повеќе од 3 отсто и го достигна највисокото ниво во последните две години. Претпладнево лондонскиот FTSE индекс зајакна 0,15 отсто, на 7.645 поени, додека франкфуртски DAX се лизна за 0,28 отсто, на 16.915 поени, а париски CAC 0,05 отсто, на 7.630 поени.

Од друга страна, цените на акциите пораснаа на повеќето азиски берзи. Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, без јапонските, порасна за 0,4 отсто во истиот период од тргувањето како и во Европа, продолжувајќи го својот раст од минатата седмица. Истовремено, индексот Nikkei порасна за 0,8 отсто на берзата во Токио, додека цените на акциите во Австралија, Хонгконг и Јужна Кореја пораснаа меѓу 0,3 и 0,9 отсто. Во Шангај, пак, паднаа за 0,9 отсто.

Растот на индексот во Хонгконг е благодарение на новите мерки на властите за поддршка на пазарот на капитал. Сепак, на пазарот владее еуфорија бидејќи тргувањето со акциите на „Evergrande“, најголемата кинеска градежна компанија, е прекината по одлуката на судот за ликвидација.

Останува да се види дали тоа ќе ја продлабочи повеќегодишната криза на кинескиот пазар на недвижности. Прашање е и колку новите стимулативни мерки на кинеската централна банка, најавени за почетокот на февруари, ќе влијаат врз забрзувањето на растот на кинеската економија. Затоа на пазарите преовладува претпалзивоста.