Внимателно тргување на берзите во Европа и Азија на почетокот од седмицата

На европските берзи индексите благо пораснаа во понеделник претпладнето, но тргувањето е претпазливо бидејќи инвеститорите ја следат тензичната ситуација на Блискиот исток.

Индексот STOXX 600 на водечките европски акции вопретпладневниот пресек од тргувањето беше речиси непроменет во однос на претходниот трговски ден. Истовремено, парискиот индекс CAC зајакна за 0,16 отсто, на 7.590 поени, додека франкфуртски DAX ослабе за 0,21 отсто, на 18.590 поени. Во Велика Британија не се работи поради празниците.

Претпладнево претпазливо се тргува и на азиските берзи. Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, без јапонските, во истиот дневен пресек порасна за 0,6 отсто, откако минатата седмица порасна за 1,1 отсто. Утрово на токиската берза индексот Nikkei се лизна за 0,7 отсто, додека цените на акциите во Јужна Кореја паднаа за 0,2 отсто. Во Шангај, Австралија и Хонгконг се зголемија меѓу 0,1 и 1,1 отсто.

Инвеститорите се претпазливи, бидејќи стравуваат од ескалација на конфликтот на Блискиот исток откако Хезболах, либанското шиитско движење поддржан од Иран, лансираше стотици ракети и беспилотни летала врз Израел во текот на викендот како одмазда за атентатот на негов командант во Бејрут минатиот месец. Околу 100 израелски воени авиони, од друга страна, погодија цели во Либан непосредно пред нападот, бидејќи војската процени дека Хезболах се подготвува да изврши напад.

Рано утрово, пак, беше објавено дека не е постигнат договор во преговорите за прекин на огнот во Газа, кои се одржаа во неделата во Каиро.

Од друга страна, пазарите се поддржани од верувањето на инвеститорите дека американската централна банка ќе ги намали каматните стапки во септември. Ова го изјави претседателот на Fed Џером Пауел во петокот во својот говор на традиционалниот состанок на централните банкари во Џексон Хол.

„Дојде време за прилагодување на монетарната политика. Инфлацијата значително опаѓа. Пазарот на труд повеќе не е прегреан, а вкупните услови се помалку тесни отколку пред пандемијата. Синџирите на снабдување се нормализираа“, рече Пауел.

Инвеститорите сега се речиси сигурни дека Fed ќе ги намали каматните стапки за 0,25 процентни поени во септември. Има и такви кои сметаат дека е можно поостро намалување од 0,50 процентни поени. Намалувањето на стапката во септември ќе го означи почетокот на циклусот на олеснување на Fed кој почна да го заострува во март 2022 година за да ја спречи инфлацијата.