На европските берзи во четврток претпладнето се тргува претпазливо, а освен пораките на првиот човек на американската централна банка, инвеститорите се фокусираат и на кварталните деловни резултати на европските компании.
Индексот STOXX 600 на водечките европски акции во првиот дневен пресек од тргувањето беше речиси непроменет во однос на вторникот. Во средата повеќето европски берзи беа затворени поради празникот. Претпладнево лондонскиот FTSE индекс зајакна за 0,29 отсто, на 8.145 поени, додека франкфуртски DAX се лизна за 0,06 отсто, на 17.920 поени, а париски CAC 0,70 отсто, на 7.928 поени.
Внимателно се тргува и на азиските берзи. MSCI индексот на азиско-пацифичките акции, без јапонските, во истиот период од тргувањето како и во Европа, порасна за 0,4 отсто. На токиската берза индексот Nikkei беше во минус од 0,1 отсто, додека цените на акциите во Шангај и Јужна Кореја паднаа меѓу 0,2 и 0,3 отсто. Во Австралија и Хонгконг, пак, тие се зголемија меѓу 0,2 и 2,4 отсто.
Хонкогншкиот индекс Hang Seng го отвори тргувањето на негативна територија, но подоцна скокна за повеќе од 2 отсто, најмногу благодарение на растот на цените на технолошките акции за 4 отсто. На останатите берзи тргувањето се одвива повнимателно, при што индексите се менуваат помеѓу позитивна и негативна територија.
Слично беше и вчера на Волстрит, кога Dow Jones зајакна 0,23 отсто, додека S&P 500 се лизна за 0,34 отсто, а Nasdaq индексот 0,33 отсто.
По дводневната средба, челниците на Fed вчера одлучија да ги остават непроменетите основни каматни стапки во опсегoт од 5,25 до 5,50 отсто, бидејќи, како што порачаа во соопштението за медиумите, нема натамошен напредок по прашањето на инфлацијата.
Во еден момент индексите значително пораснаа, откако претседателот на Fed, Џером Пауел на прес-конференцијата изјави дека е малку веројатно натамошно зголемување на каматните стапки. Сепак, индексите набрзо ги загубија тие добивки, бидејќи и онака никој долго време не ја спомнуваше можноста за дополнително зголемување на каматните стапки.
А што се однесува до намалувањето на каматните стапки, сѐ помалку е веројатно дека Fed ќе се одлучи за такво нешто пред есента. Од почетокот на годината, берзанските индекси на најголемата светска берза силно пораснаа врз основа на очекувањата дека Fed aграресивно ќе ги намали каматните стапки оваа година, најдоцна во јуни. Сепак, бидејќи стана јасно дека тоа се преоптимистички очекувања, во април индексите значително паднаа.
Освен Fed, во фокусот на инвеститорите деновиве се и кварталните деловни резултати на компаниите. Досега, околу 310 компании од индексот S&P 500 ги објавија резултати, а 77 отсто од нив пријавиле поголема заработка од очекуваната. Поради ова, аналитичарите во истражувањето на Reuters сега проценуваат дека заработката на компаниите во првиот квартал е зголемена за 6,6 отсто во однос на истиот период лани, додека пред еден месец се очекуваше раст на заработката од 5,1 отсто.