![denari](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2021/03/denari.jpg?resize=696%2C499&ssl=1)
За неполни десет дена, работници од 40 приватни средни и големи компании пријавиле неправилности при исплатата на К-15 до „Гласен Текстилец“.
Кристина Ампева од „Гласен текстилец“ за МИА посочува дека поради се поголемиот број на пријави во однос на се уште неисплатен и помалку исплатен регрес за годишен одмор, принудени се да испратат уште еден апел за исплатата на К-15, овојпат до Управата за јавни приходи.
Таа додава дека УЈП може да навлезе во деловната и финансиската документација и може да провери дали фирмите навистина се во загуби или дали се соочуваат со економски потешкотии.
– Данокот од исплатата на К-15 што го зема државата е 10 проценти на нето односно 11,11 проценти на бруто износот, или ако фирмата исплатила 16.800 денари, државата на таа сума има данок од 1867 денари. Со исплаќањето на помала сума, воопшто неисплатен регрес за годишен одмор или пак лажно пријавување на загуби и потешкотии, државата ги губи тие даноци, а со оглед на бројот на средни и големи претпријатија, станува збор за не толку мала сума на пари – посочува Ампева.
Повикува да прекинат злоупотребите со наводни загуби, присилно потпишување на бланко документи за помалку да се исплати К-15, но ја повика и Управата за јавни приходи оваа година да биде, како што вели, на висина на задачата.
– За сите кои нема или ќе исплатат помала сума, а добиеме соодветна пријава од вработените, ќе испратиме податоци до УЈП за да се навлезе во деловното работење на фирмите и се утврди дали има или нема загуби, а тие што се огрешиле, да бидат гонети по Кривичен законик за даночно затајување како и за прекршување на права од работен однос – вели Ампева.