Во „8 Септември“ ќе се даваат полесни онколошки терапии

Министерот за здравство Арбен Таравари кој денеска беше во посета на амбулантите за онкологија во Градската општа болница „8 Септември“ изјави дека има решение од Министерството кое помина како одлука на Влада, да можат и во оваа болница да се вршат амбулантски консултативни прегледи. Тој напомена дека во „8 Септември“ веќе се вработени двајца онколози и може да се изврши полесна онколошка терапија.

– Денеска ги посетивме амбулантите за онкологија во „8 Септември“, како и дневната амбуланта која што би требало да функционира за неколку недели. Го видовме и акцелераторот којшто моментално не е во функција, но мислам дека може да се стави во функција. Ќе кажеме дека дефинитивно има решение од Министерството за здравство кое е поминато како одлука на Влада за да можат амублантски консултативни прегледи да се вршат во ГОБ „8 Септември“. Се надевам дека набргу и на Фондот ќе поминеме да има условен буџет – изјави Тараври по посетата.

Тој најави дека ќе ги посети и општите болници во Битола и во Тетово. Напомена дека во меѓувреме ќе треба да има договор меѓу Клиниката за онкологија и ГОБ „8 Септември“ согласно кој онколошките пациенти би можеле да примаат терапија во „8 Септември, за да се растовари Клиниката за онкологија.

Таравари рече дека се надева оти ќе вработат сестри, персонал и специјализанти – студенти од 5-та и од 6-та година на Медицинскиот факултет – онаму каде што што има недостиг во болниците.

Тој изјави и дека со неговиот тим го виделе акцелераторот за терапија на пациенти со канцер, а тој би требало да биде пуштен за околу 6 месеца.

– За да се пушти акцелераторот во функција, требаат најмалку 3 месеца, треба да се направат контроли, специјалисти да кажат во што треба да се инвестира, а за 5-6 месеци би требало целосно да биде функционален. Но, тој почнува да се користи, па ситуацијата е добра. Дајте ми рок од 6 месеца – изјави Таравари.

Таравари потенцираше дека добил информации за недостиг на среден медицински кадар, но и специјалистички кадар.

-Се надевам дека според програмата која што ја планираме до крајот на годината ќе можеме да вработиме и одреден број на медицински сестри и среден медицински персонал, но и одредени специјализанти онаму каде што има дефицит. Тоа значи дека оние кои што се на четврта, петта или шеста година од специјализација ќе можеме да ги распределиме во болниците каде што има недостиг на кадар – додаде Таравари.