Во Албанија конфискувани околу 24 милиони евра, средства од криминални активности во 2022 година

Министерот за внатрешни работи Бледи Чучи денеска при презентација на годишната анализа, пренесе важни статистички податоци поврзани со состојбата со редот и безбедноста во земјата, јави државната агенција АТА.

Тој посебно како успех ја наведе конфискацијата на средства од “криминални активности според законот за борба против мафијата”.

-Ако во 2013 година беа запленети 747 илјади евра во 2022 година се одземени вкупно 23.843.345 евра, рече Чучи.

Исто така Чучи нагласи дека во 2022 година се евидентирани 43 убиства со умисла, од 107 колку што биле регистрирани во 2013 година, кога власта ја презедедоа социјалистите.

-Бројот на жртви од намерни убиства е намален за 60 отсто, поточно од 124 жртви во 2013 година на 49 жртви во 2022 година, додаде министерот.

Во однос на кривичните дела вооружен грабеж, Чучи информира дека споредбените показатели со 2013 година, покажуваат намалување за 88 отсто, поточно од 96 вооружени грабежи во 2013 година на 11 такви дела во 2022 година.

– Исто така, намален е бројот на сообраќајни несреќи за 44 отсто во однос на 2013 година. Тогаш биле евидентирани 2057, додека во 2022 година 1165 сообраќајни незгоди.Оваа статистика, доаѓа во време кога бројот на возила е зголемен за 67 отсто.Во 2013 година во Албанија имало 445.956 , додека минатата година 758.000 возила. Значи имаме трипати помалку сообраќајни незгоди во однос на бројот на возила во оптек за периодот 2013-2022 година, рече тој.

Министерот наведе уште една статистика која докажува зголемување на довербата на јавноста во државната полиција.

– Во 2013 година на посебниот бројот 112 се регистрирани 156.267 повици, додека во 2022 година се регистрирани 1.261.988 повици, што е зголемување за 718 отсто, нагласи тој.

Според него, во овој споредбен период видно е зголемена перцепцијата на граѓаните за работата на полицијата. Во 2013 година 36 отсто од испитаниците верувале дека полицијата добро си ја врши работата, додека во 2022 година таа оценка ја дале 59 отсто од испитаниците.