Во Албанија уапсени двајца Руси и Украинец во обид да упаднат во воена фабрика

Албанското министерство за одбрана извести во саботата дека двајца албански војници се повредени додека попречувале двајца руски и еден украински државјанин во саботата доцна попладнето во обид да влезат во фабрика за воена опрема во централниот дел на земјата.

„Тројца државјани со руски и со украински пасош се обидоа да влезат во фабриката. Војниците кои ја чуваа фабриката реагирале веднаш, но во текот на нивните напори да ги запрат тројцата странци, двајца војници се повредени“, се истакнува во соопштението на министерството.

Тројцата странски државјани се задржани во притвор во Елбасан, каде биле испрашувани од припадници на антитерористичките служби.

Албанските медиуми објавија фотографии на возилото со кое тројцата приведени дошле до магацина со оружје во фабриката во местото Грамш. Според снимката, автомобилот има украински регистарски ознаки.

Засега не е познат мотивот за нивниот обид да влезат на територијата на фабриката, но медиумите наведуваат дека еден од нив во соочувањето со албанските војници употребил мачета и спреј за онеспособување при обидот да биде приведен откако бил забележан во близина на фабриката. Покрај тоа, според непотврдени информации тројката користела дрон за фотографирање на фабриката.

Се чини дека тие имале точни сознанија за активноста на оваа фабрика која во последно време освен што демонтира и поправа оружје од домашно производство, произведува и муниција за оружје на НАТО.

Според податоците од отворени извори, станува збор за фабрика којашто се занимава со производство за одбранбената индустрија, а којашто во времето на комунизмот ги произведувала руските јуришни пушки „АК-47“ познати како „калашников“.