Во албанското кралство на дрогата уништени 43 тони марихуана

Албанската полиција уништи 43 тони марихуана и заплени 133 илјади билки на канабис во селото Лазарет, на југот од земјата соопшти денеска албанската полиција. Во соопштението се прецизира дека во Лазарет се претресени повеќе од 500 куќи каде што се пронајдени 26 парчиња тешко вооружување, 218 парчиња лесно вооружување, муниција, рачни гранати, експлозив и друго оружје.

Полицијата уништи и пет лаборатории за производство на дрога и уапси 23 лица. Операцијата продолжува, истакна полицијата.

Полицијата минатата недела испрати 800 полицајци во Лазарет каде што дојде до судир со осомничените за производство на дрога. Еден полицаец и тројца селани беа ранети во судирите.

Лазарет е најголем центар за производство на канабис, а се наоѓа 230 километри јужно од Тирана. Се верува дека бандите од Лазарет годишно произведуваат 900 тони канабис, вреден 4,5 милијарди евра.