Во антитерористичката акција во Турција уапсено 251 лице. Операцијата е изведена во 13 турски окрузи против терористичките организации „Исламска држава“ и Курдска работничка партија.
Убиена радикална левичарка
За време на антитерoристичката акција во Истанбул утрово е убиена припадничка на радикалната турска марксистичка група во судири со полицијата.
Убиената жена била членка на радикалниот левичарски фронт на револуционерниот народ (DHKP-C), група која турските власти ја обвинуваат за низа напади во изминатите години, како и оти соработува со милитантни курдски сепаратисти.
Таа е убиена во судир со полицајците, откако тие се обиделе да влезат во куќата во делот на Истанбул Багчилар, за да уапсат милитанти.
Акцијата испровоцирана од нападот во Суруч
Турската полиција за време на оваа акција во Истанбул рано утрово изврши рација врз повеќе од сто локации во Истанбул, за да уапси осомничени џихадисти на ИД и курдски милитанти, а акциите се покренати по терористичкиот напад на 20 јули во пограничниот град Суруч, во кој загинаа 32, а повредени се над сто лица.
Турција во последно време беше соочена со низа напади.