Во Арачиново не им отворале врата на попишувачи, мислеле дека ќе ги вакцинираат

Во Арачиново досега целосно се вакцинирани 9,7% од жителите. Од вкупно 14 илјади жители во општината, прва доза вакцина примиле помалку од две илјади. Слично е и во Студеничани, општина со 23 илјади жители, каде досега заштита од коронавирусот добиле едвај 2.400 луѓе или околу 10,5%.

Кај градовите, најмал опфат на вакцинирани има во Гостивар – 25,4%, а следуваат Радовиш (25,9) , Македонска Каменица (26,9) и Кратово (26,8) кои се мачат да достигнат опфат од 30 отсто, и Кичево кое за два проценти ја надминува таа граница. Меѓу лидерите по стапката на вакцинирани, на врвот е Вевчани со речиси 60% опфатени жители. Демир Капија е единствен град кој ја надминува границата од 50%, а многу блиску до таков опфат се Охрид, Неготино, Кавадарци и Гевгелија.

Не помагаат апелите 

Градоначалничката на Арачиново, Миликије Халими се согласува дека е многу мал процентот на вакцинирани во општината. Таа за ДВ вели дека не помагаат ниту апелите, ниту кампањата за вакцинација. „Со сила ништо не се може“, вели Халими, која додава дека е немоќна во обидите да ги убеди своите сограѓани дека вакцината може да им го спаси животот од опасниот вирус.

„Направивме се што можевме. Со Министерството за здравство договоривме секоја сабота да доаѓаат екипи и отворивме пункт за вакцинација во Арачиново. На социјалните мрежи постојано им објаснуваме, ги повикуваме да се вакцинираат. Но, не можеме никако да ги убедиме дека ризикуваат многу со одбивањето на вакцината против Ковид-19“, објаснува Халими.

Проблемот, според неа, е што повеќето од жителите го имаат прележано вирусот и сметаат дека имаат антитела коишто ги штитат. Други пак, немаат доверба во вакцините. Трети, пак, плашејќи се од принудна вакцинација, не им отвараат врата ниту на попишувачите.

„Замислете сега што се случи за време на пописот. Мислејќи дека некој сака со сила да ги вакцинира, тие не им ја отвораа вратата ниту на попишувачите“, вели градоначалничката.

Халими минатата година го прележа коронавирусот, а шест месеци потоа, вели дека поитала да се вакцинира. „Ако е потребна трета доза на вакцина, и тоа веднаш ќе го сторам. За здравјето и за животот се работи“, додава таа.

 

Извор: Дојче Веле