Актуелниот руски претседател Владимир Путин поседувал кон крајот на деведесеттите години од минатиот век, пред падот на берлинскиот ѕид во 1989 година, идентификациска картичка на источногерманската тајна полиција која е пронајдена во архивите на Штази, објави во вторникот претставник на архивот.
Идентификациската картичка, којашто имала важност од 1985 до 1989 година, му овозможувала на Путин да минува преку контролните пунктови на тајната полиција на некогашната комунистичка Источна Германија (DDR), изјавич шефот на Архивот на Штази во Дрезден, Конрад Фелбер.
Владимир Путин бил агент на поранашната советска разузнавачка служба КГБ во Источна Германија, во текот на 1980-те години. Во 1985 година бил испратен во претставништвото на КГБ во Дрезден каде што работел до 1990 година. Подоцна кон крајот на 1990-те ја извршуваше должноста на руското разузнавање ФСБ, пред во 2000 година да стане првпат претседател.
Идентификациската легитимација на Путин, којашто со години лежела незабележана во архивот, „не значи автоматски дека Путин работел за Штази“, појаснил Фелбер.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјавил дека е можно рускиот претседател да поседувал легитимација на Штази. „КГБ и Штази биле партнерски служби, и оттаму не е можно да се исклучи можноста за таков вид размена на акредитациите“, рекол Песков.