Судири меѓу полицијата и демонстрантите избија во неделата во Атина поради железничка несреќа во Грција претходно седмицава во која загинаа најмалку 57 лица.
Студентите и железничарите протестираа во центарот на Атина поради несреќата, најсмртоносната во грчкото колективна меморија. Демонстрантите запалија корпи за отпадоци и фрлаа молотови коктели, а полицијата одговори со солзавец и шок-бомби во центарот на грчката престолнина, пренесуваат медиумите.
Според процените на полицијата, околу 7.500 луѓе се собрале пред парламентот во Атина со транспаренти, одговарајќи на повикот на студентите, железничарите и вработените во јавниот сектор. Стотици црни балони беа пуштени на небото во спомен на жртвите од судирот на патнички воз од Атина за Солун и товарен воз во вторникот вечерта.
„Чувствуваме огромен гнев. Алчноста и немањето мерки за заштита на патниците доведоа до најголемата железничка трагедија во нашата земја“, изјавил за AFP синдикалецот Михалис Хасиотис, кој се приклучи на маршот.
По несреќата имаше предупредувања за дотраеност на железничката мрежа, разни проблеми во сигнализацијата и безбедносниот систем на пругата, а одговорноста ја призна и управителот на станицата во Лариса, градот најблиску до несреќата.
„Ништо не оди добро во оваа држава… Кого го залажуваат?“, вели Никос Цикалакис, претседател на синдикатот на железничарите.