Американската технолошка компанија „Tesla“ ја доврши инсталацијата на најголемата литиум-јонска батарија на светот со моќност од 100 мегавати во Јужна Австралија, и во поетокот официјално ја активираше.
Јужните делови од Австралија во последниот период се соочуваат со чести проблеми во снабдувањето со електрична енергија, поради што оваа моќна батеријата за складирање енергија ќе функционира како своевиден заштитен механизам за државната електроенергетска мрежа доколку се јави недостиг од електрична енергија.
Капацитетот на батеријата ќе гарантира снабдување на 30.000 домаќинства во траење од еден час. Енергијата ќе ја произведува парк од електроцентрали на ветер на француската компанија за обновлива енергија „Neoen“.
Извршниот директор на „Tesla“, Илон Маск, вети дека батеријата ќе биде инсталирана во рок до сто дена од постигнувњето на договорот, попрецизно до 1-ви октомври, и сега го исполни ветувањето.
Австралиски софтверски претприемач на Twitter во март годинава го запраша Маск дали литиум-јонска батерија со моќност од 100 мегавати навистина ќе биде во состојба да им помогне на јужните делови од Австралија доколку дојде до прекин во снабдувањето со електрична енергија. Маск одговори веднаш потврдно и вети дека сојузната држава Јужна Австралија ќе ја добие бесплатно доколку не биде инсталирана и пуштена во погон во рок од сто дена. Притоа Маск посочи дека станува збор за трипати помоќна батерија од најсилната досега позната ваква батерија на светот.
Недостигот доаѓа кога побарувачката ќе го надмине снабдувањето, а австралискиот енергетски регулатор во тој случај им наложува на енергетските компании да ја сопрат испораката на струја за домаќинствата поради заштита на електроенергетската мрежа. Државата целосно ќе управува со капацитетот на батеријата за да се избегне недостиг од струја поради преоптовареност на системот. Проектот е дел од поширокиот план насочен на обезбедувањето на испораките на енергијата во државата којашто е многу зависна од обновливата енергија.
Фабриката за обновлива енергија сестена е во Џејмстаун, околу 200 километри северно од Аделаида, а е поврзана со паркот на ветроцентрали во сопственост на француската компанија за обновлива енергија „Neoen“.
„Најголемата литиум-јонска батерија на светот ќе биде важен дел од нашиот диверзифициран енергетски сектор и со неа испраќаме јасна порака дека Јужна Австралија благодарејќи на батериското складирање на енергијата ќе биде предводник во областа на обновливата енергија“, изјавил премиерот на оваа сојузна австралиска држава, Џеј Ветерил.