Во автобуска несреќа загинаа седум навивачи на бразилски Коринтианс

Седум лица загинале во превртување на автобус кој превезувал навивачи на фудбалскиот клуб Коринтианс на враќање од гостувањето во Бело Хоризонте по дуелот на нивните миленици во бразилското првенство кај домашниот Крузеиро.

Според локалните служби за итни ситуации, околу три часот утрото кон неделата по локално време на автобусот кој превезувал 42 патници му откажале сопирачките по што завршил во амбис.

Другите 36 патници се повредени, а 27 од нив се згрижени во блиските болници.

„Се надевам дека повредените ќе закрепнат, а се надевам и дека истргата ќе ги утврди причините за несреќата. Потребни ни се возила во добра состојба и добри патишта, бидејќи изгубените животи не можат да се вратат“, изјави бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва, кој и самиот е навивач на Коринтиан, изразувајќи им сочувство на семјејствата на загинатите.