Во главниот град на Азербејџан, Баку денеска почна 18. Самит на Движењето на неврзаните (НАМ), на кој учествуваат шефови на држави и на влади од околу 60 држави, како и шефови на меѓународни организации.
Организацијата во моментов брои 120 членки, 17 држави набљудувачи и 10 меѓународни организации. Самитот го следат 246 акредитирани новинари.
Самитите на Движењето на неврзаните обично се одржуваат на секои три години.
Движењето на неврзаните е втора најголема организација по Обединети нации. Речиси две третини од земјите членки на НАМ се членки и на ОН. Околу 55 проценти од светското население живее во земјите-членки на НАМ. Земјите-членки на Неврзаните поседуваат повеќе од 75 проценти од нафтените резерви и 50 отсто од гасните наоѓалишта во светот, а располагаат и со големи човечки ресурси.
Целта на Движењето на неврзаните според Декларацијата од Хавана од 1979 година е да обезбеди „национална независност, суверенитет, територијален интегритет и безбедност на неврзаните земји во нивната борба против колонијализмот, империјализмот, неоколонијализмот, апартхејдот, расизмот, вклучително и ционизмот и сите облици на странска агресија, окупација, доминација, мешање или хегемонија, како и против блоковската политика“.
Терминот неврзани првпат го употреби индискиот премиер Џавахарлал Нехру во својот говор во Коломбо, Шри Ланка во 1954 година. Тој ги опиша петте принципи на мирољубива егзистенција на поранешниот кинески премиер Џоу Енлај, што подоцна станаа основа на Движењето.
Петте принципи на Неврзаните се:
- Взаемно почитување на територијалниот интегрите и суверенитет;
- Взаемно ненапаѓање;
- Взаемно немешање во внатрешните работи;
- Еднаквост и взаемна корист;
- Мирољубива коегзистенција.
На 19 јули 1956 година на Бриони тогашните претседатели на Југославија и на Египет и Јосип Броз Тито, Гамал Абдел Насер и индискиот премиер Џавахарлал Нехру потпишаа декларација за заедничка соработка и политика – Движење на неврзаните.
Пет години подоцна, септември 1961 година во Белград е одржана првата конференција на Неврзаните на кои учествуваа претставници од 29 држави.