Граѓаните чуваат во банка три милијарди евра, а со заштедите на фирмите износот на пари ставени во банкарските сефови изнесува 4,2 милијарди евра, пишува „Дневник“.
Според податоците од Народната банка на Македонија, македонските штедачи и фирми лани на банкарските сметки ставиле дополнителни 185 милиони евра во споредба со вкупните заштеди регистрирани во 2012 година и покрај светската финансиска криза, која многу влијаеше на економските текови во земјава. Неофицијално се проценува дека граѓаните „под перница“ во домовите имаат уште неколку стотици милиони евра.
Овие фрапантни податоци се феномен и за експертите, кои велат дека одговор на прашањето зошто заштедите растат ќе има само ако се открие структурата на штедачите, нешто што е добро заштитена банкарска тајна.
Влијание врз депозитната маса секако имаат и парите што печалбарите ги праќаат дома на роднините. Иако овие дознаки од странство лани беа намалени поради кризата, изнесуваа вкупно 1,3 милијарда евра, а највисоко ниво од 1,62 милијарда евра достигнаа во 2012 година.
За експертите растот на депозитите, дури и во услови кога паѓаат каматните стапки за заштедите, најмногу е резултат на немањето други инструменти за штедење.
„Довербата кон банкарскиот систем е голема. Меѓутоа, тоа главно не објаснува зошто во текот на целата криза депозитите на населението растеа. Би рекол дека депозитната база расте поради воздржувањето на граѓаните од потрошувачка, поради се’ уште присутните неизвесности во економијата. Изминатата една и пол година, потрошувачката на домаќинствата се намалила за околу 1 отсто, а во истиот период платите растеле за 1 отсто. Пораснаа и другите лични примања како што се пензиите, а истовремено состојбите на пазарот на труд ~ пркосат на кризата, односно невработеноста не се зголемува. Дополнително, граѓаните немаат на располагање други инструменти за штедење, ниту е особено развиена навиката да се штеди во друг штеден инструмент, како, на пример, државните обврзници или уделите во инвестициските фондови. Претпоставувам дека сите овие фактори придонесоа депозитната база на населението да остане стабилна и растечка“, вели, за „Дневник“, универзитетскиот професор Марјан Петрески.
Според него, одреден број граѓани парите ги чуваат дома, но дека е тешко да се даде прецизна процена за износот.
„Постојат граѓани што поради лично убедување или минати искуства, не сакаат да штедат во банка или, едноставно, немаат пристап до банка. Оттука, секако постои штедење „под перница“, меѓутоа немам попрецизна процена колку тоа би било“, вели Петрески.
Социолозите пак овој феномен го објаснуваат со гените, односно дека Македонците имаат наследена култура на штедење.
„Kога би се знаела структурата на штедачите, полесно ќе коментираме зошто растат заштедите во банка. Постои сознание дека има категорија на население што многу штеди. Една категорија од населението заработува енормно многу и така може да заштеди. А како второ, од социолошки аспект, Македонецот има наследена култура на штедење. Тој психолошки момент дека може да биде полошо, дека идат некакви црни денови, ги тера да штедат скратувајќи не од луксузот, туку од основните потреби, кои претходно без проблем ги задоволувале“, вели, за весникот, социологот Илија Ацески.