Во Барселона откриено производство на гумени бонбони со марихуана

Шпанската полиција откри тајна лабораторија во центарот на Барселона, каде криминална организација произведувала шарени гумени бонбони со марихуана, а потоа ги испраќала во Хрватска, Италија, Франција, Португалија, Германија и Холандија.

Пронајдени се 70 пакувања, 5.000 бонбони со марихуана, 12 килограми марихуана и шест килограми хашиш, соопшти шпанската цивилна гарда.

Пронајден е и материјал за производство, пакување и дистрибуција на дрога, пренесува Хина.

Во акцијата се уапсени три лица, државјани на Велика Британија, Холандија и Русија, кои се осомничени за шверц на дрога и во моментов се во притвор.

Полицијата почна истрага откако пресретна серија пакети по пошта во кои се наоѓале слатки со марихуана испратени во Германија, Франција, Италија, Холандија, Португалија и Хрватска.