Во Белгија конфискувани околу четири тони кокаин

Белгиската полиција откри и заплени приближно четири тони кокаин во градот Равелс, во близина на границата со Холандија.

Дрогата е пронајдена откако двајца холандски државјани, од претходно познати на полицијата, користеле апликација за навигација за да пристигнат до хангарот каде бил кокаинот. Во хангарот пронајдени се 68 торби со кокаин, со вкупна тежина од приближно 4.000 килограми.

Покрај двајцата холандски државјани, уапсени се уште и седум лица, кои биле затекнати во хангарот.

Белгиското пристаниште Антверпен, на 55 километри од Равелс, е познато како главна влезна точка за кокаин во Европа. Таму лани биле запленети рекордни 110 тони кокаин, 40 отсто од вкупната количина на овој вид наркотици конфискувана во Европа.

На почетокот на месецот Европската Унија и Белгија најавија дека ќе ги зголемат своите напори во борбата против трговијата со дрога.