Нов скандал со откриени отровни супстанци во кокошкини јајца се разгоре во средата во Белгија, откако од продажба од најголемите трговски синџири се повлекува целото производство кое е декларирано како еколошки чисто, а суспендирана е продукцијата на најмалку една компанија.
„Повлекувањето на јајцата, од производството на компанијата Е.К.Е., се реализира во продажната мрежа под неколку брендови ’био’. Во текот на проверките, откриено е мало зголемување на количеството диоксини и полихлорирани бифенили (PCB) во органските јајца“, соопшти белгиската Федерална агенција за безбедност во прехранбената индустрија (AFSCA).
Јајцата се продавале во пет трговски мрежи под седум различни брендови.
„Компанијата Е.К.Е. ги замолува потрошувачите да не ги користат овие производи и да ги вратата на продажните места“, се истакнува во соопштението. Повлекувањето засега се однесува на количество од околу 75.000 јајца.
Властите ја суспендирале работата на една фарма која е добавувач на јајца за компанијата. Сомнежите се насочени кон фармата „ Willy Poesmans“ во покраината Лимбург. Засега не е познато дали продукцијата од оваа фарма била наменета и за извоз во странство.
Во јули и август 2017 година во елгија и во уште 24 земји од Европската унија се разгоре ткн „криза со јајца“, поради појава на јајца и други продукти заразени со инсектицидот фипронил. Неговото присуство првично беше утврдено во јајца испорачани во супермаркетите од белгиски и холандски живинарски фарми. Фипронилот се користи за лечење на несилките од вошки, но според европските прописи зарбанета е примената на оваа супстанција во живинарски фарми кои се добавувачи на пазарите. Честото користење на јајца кои го содржат овој инсектицид е опасно по здравјето.
Диоксините може да предизвикаат формирање малигни тумори, ментални нарушувања и ослабен имунитет. Тие супстанции влегуваат во животната средина со производи или отпади од повеќе индустрии, а дури и минимално количество од нив претставува опасност за живите организми.