Во безредијата во Атина повредени 25 полицајци, 12 приведени

Дваесет и пет полицајци се повредени, а дванаесет лица се приведени во текот на судирите меѓу демонстраните и силите на редот во неделата во грчката престолна Атина, објави вечерта главната управа на полицијата на областа Атика.

„Вкупно 25 луѓе се повредени во текот на немирите пред грчкиот парламент, како и во судирите во соседните улици. Сите се пренесени во 401-та Главна воена болница во Атина“, се наведува во соопштението на полицијата со што ги коригираше претходните информации за десет повредени полицајци.

Според полициската управа на Атика, во текот на безредијата биле приведени 12 лица. Од нив седум се притворени, а другите се ослободени.

Според информациите кои ги пренесуваат атинските медиуми, во болницата „Сотирија“ за време на митингот и судирите на екстремистите со полицијата којашто обилно горисела солзавец, биле доведени четири лица кои имале благи проблеми со дишењето.

Грчата јавна радиотелевизија ERT објави дека нејзиниот снимател бил сериозно повреден во текот на протестите. Група непознати лица, исто така, го претепале грчкиот фоторепортер Костас Дадамис, кој е ангажиран од грчката канцеларија на руската меѓународна агенција Sputnik. Тој со повреди на главата бил хоспитализиран во една од атинските болници.


Сојузот на фоторепортерите на Грција (EFE) реагираше дека во неделата биле нападнати пет фоторепортери, како и дека нападите биле однапред планирани. Велат дека информациите „потврдени од неколку извори“, рекле дека напаѓачите биле „група луѓе во црно, со грчки знамиња и двоглав орел на облеките, кои имале фотографиите од фоторепортерите“. Според здружението, напаѓачите го тепале фоторепортерот Дадамис со метални прачки по главата и ја „украле неговата опрема“.

Во неделата во центарот на Атина се одржа масовен протестен собир, на кој според првичните процени учестувале околу 100.000 луѓе од цела Грција кои протестираа против договорот од Преспа за промената на името на Република Македонија.

Според истражувањето на јавното мнение објавено во неделата коешто за весникот Eleftheros Typos го спровел социолошкиот институт MRB, речиси 70 отсто од Грците се протива на каква и да е употреба на поимот „Македонија“ во името на соседот.