![untraceable-coronavirus-cells-emerge-in-3-countries-1](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2020/02/untraceable-coronavirus-cells-emerge-in-3-countries-1.jpg?resize=618%2C410&ssl=1)
Во Босна и Херцеговина се потврдени уште четири случаи на зараза со коронавирусот од типот Covid-19, па вкупниот број заболени е зголемен на 11 пациенти, потврди во четвртокот министерот за здравство на ентитетот Република Српска, Ален Шераниќ.
Тој на прес-конференцијата во Бања Лука рече дека коронавирусот е изолиран кај двајца мажи и две жени, а сите живеат на подрачјето на градот. Шераниќ додаде дека заразените се под лекарски надзор и се со добра општа состојба, а оти лекарите ги преземаат сите пропишани мерки.
Четворицата позитивни на коронавирусот самите се пријавила согласно апелот упатен до лицата кои неодамна патувале во странство, а кога кај нив се појавиле симптомите биле тестирани и утврдено е дека се инфицирани со коронавирусот Covid-19.
„Станува збор за маж и жена кои биле на скијање во Австрија и биле во контакт со лица за кое во Хрватска е потврдено дека е заразено. Вториот случај се однесува на маж и жена кои во Словенија биле во контакт со заразено лице“, рече Шераниќ.
Додаде дека е неминовно да се очекуваат уште случаи на зараза, но дека е потребно да се преземаат мерки за да се намали влијанието на коронавирусот на повозрасните пациенти и хронично болните.
„Влегуваме во нова фаза“, изјави Шераниќ истакнувајќи дека развојот на настаните во Босна и Херцеговина не е поинаков отколку во другите земји погодени од епидемијата на коронавирусот.
Претходно во Република Српска беа регистрирани четири случаи на зараза со коронавирусот, и тоа во Бања Лука и во блуските Челинац, додека во Федерацијата БиХ се потврдени три случаи, и тоа во Зеница.
Во двата ентитета на сила е одлуката за прекин на наставата во училиштата и на факултетите, како и препораките за откажување на масовни собири. Затворени се и кино-салите и театрите, а откажани се и многу концерти и спортски настани.