По успешната граѓанска акција во Хрватска, на социјалните мрежи во Босна и Херцеговина се шират повици за бојкот на продавници, бензински пумпи, кафулиња и ресторани во петок 31-ви јануари 2025 година, како израз на незадоволство од високите цени и нискиот животен стандард.
Иницијаторите на кампањата ги повикуваат граѓаните да не купуваат ништо тој ден и однапред да ги обезбедат потребните намирници, да готват дома и да избегнуваат трошење пари во рестораните.
„Ова е начин да го покажеме нашето незадоволство од поскапувањето на храната и енергијата, додека платите на граѓаните остануваат ниски. Еден ден бојкот може да испрати силна порака“, стои во една од пораките споделени на социјалните мрежи.
Граѓаните на форумите на интернет истакнуваат дека цените на храната во БиХ се повисоки отколку во некои развиени земји како Германија, додека трошоците за домување и натаму се неподносливи.
Според Адис Кеча, претставник на Конфедерацијата на автономни синдикати на Босна и Херцеговина, ваквите постапки укажуваат на сериозни социо-економски проблеми во земјата. Тој предупредува дека растат профитите на работодавачите, а не се држат платите на работниците кои се недоволни за покривање на основните животни трошоци.
Иницијаторите на бојкотот посочуваат дека целта на акцијата е да се изврши притисок врз властите и работодавачите да преземат конкретни мерки за намалување на инфлацијата, зголемување на минималната плата и подобрување на севкупниот животен стандард на граѓаните.
Властите во Босна и Херцеговина постојано воведуваат замрзнување на цените за основните прехранбени производи.