Ентитетските здравствени власти во Босна и Херцеговина во петокот соопштија дека се потврдени вкупно 282 нови случаи на зараза со коронавирусот, а во изминатите 24 часа биле потврдени и девет смртни исходи како последица од коронаинфекцијата.
Во болниците во Федерацијата БиХ тестирани биле 759 примероци, а заразата е потврдена во 198 случаи. Поединечно најголем број новозаразени повторно има на подрачјето на Сараево, каде последното деноноќие се потврдени 94 случаи, а починале тројца жители на главниот град на земјата.
Во ентитетот Република Српска, пак, биле тестирани 292 примероци од кои 84 биле позитивни на вирусот SARS-CoV-2. Најмногу новозаразени има во малата општина Пале над Сараево и во Бања Лука, каде се потврдени 16 односно 15 новозаразени. Во овој ентитет се пријавени и четири смртни исходи поврзани со заразата со коронавирусот.
Меѓу починатите е и 35-годишен пациент, по што здравствените власти на ентитетот предупредија дека „болеста не ја бира постарата популација“ и дека „границата се спушта сѐ подолу“.
Вкупниот број лица во БиХ од почетокот на епидемијата кај кои е потврдена заразата со коронавирусот сега надмина 13.500, а од нив 392 лица починале.
Здравствените власти во земјата сметаат дека состојбата е тешка, но дека засега медицинските институции успеваат да одговорат на предизвиците.
„Состојбата навистина е тешка но сѐ уште ја контролираме. Неопходни се дополнителни напори за да се стабилизира ситуацијата, со погоелни и посилни ангажирања на инспекциските служби, како и на министерството за внатрешни работи“, изјави ви петокот заменикот на министерот за здравство на Федерацијата БиХ, Горан Черкез по состаник со ентитетскиот премиер Фадил Новалиќ.