Во БиХ уапсен терорист кој планирал бомбашки напад на џамија

Обвинителството на Босна и Херцеговина во понеделникот потврди дека во земјата е уапсен маж поврзан со терористичката организација Исламска држава кој планирал да изврши терористички напад на територијата на земјата и затоа од државниот суд било побарано да му одреди притвор.

Како што се наведува во соопштението на Обвинителството на БиХ, се работи за 42-годишниот Мирза Капиќ, со место на живеење во градот Зеница, кој претходно бил осуден за кривични дела поврзани со тероризам и бил на боиштата во странство.

Капиќ е уапсен на крајот на јули од страна на припадниците на Државната агенција за истраги и заштита (SIPA). Oбвинет e дека користел апликации за комуникација за да контактира со луѓе кои поддржуваат радикални движења и помагачи на Исламсната држава минатиот месец.

Во преписката која ја пресретнала полицијата, тој потврдил дека планирал напад со експлозив врз џамија во Босна и Херцеговина во јули. Не е наведено во кое место Капиќ го планирал нападот. Од лицата со кои контактирал побарал упатство за изработка на експлозивна направа со детонатор.

Неговиот план бил да ги нападне проповедниците на Исламската заедница во БиХ кои објавуваат прогласи против исламските радикали и кои, како што тврдел, ги пријавуваат поддржувачите на радикалните движења и на Исламската држава во полициските агенции во БиХ.

При апсењето полицијата ја одземала електронската опрема што ја користел Капиќ и на неа сега се врши дополнително вештачење. Тој сега е осомничен за кривично дело тероризам.