Во Битола одбележан Денот на руската дипломатија

Амбасадата на Руската федерација во Битола го одбележа Денот на руската дипломатија кој според востановената традиција се слави со церемонија на положување цвеќе пред споменикот Руски крст и културен настан, а оваа година и со историско-документарна изложба на тема „100 раритети на руската државност“.

На овој ден рече амбасадорот Сергеј Баздникин, руските дипломати ширум светот го одбележуваат својот празник и оддаваат почит на нивните претходници, како што бил и рускиот императорски конзул Александар Аркадијевиќ Ростковски, убиен во Битола во 1903 година.

-За нас, оваа година е во знакот на 75 годишнината од победата над нацизмот. Нашата земја по цена на неверојатни жртви и колосален напор ја одигра одлучувачката улога во уништувањето на нацистичката воена машинерија, придонесе за ослободување на народите во Европа и светот од т.н. „кафеава чума“ и од идеологијата на фашизмот, истакна амбасадорот Баздникин.

На свеченоста во Битола, амбасадорот Баздникин потсети дека соработката со македонските партнери како досега, така и понатаму ќе се гради врз принципот на вистинска еднаквост, меѓусебно почитување и водење сметка на взаемните интереси.

-Во комплицирни услови на денешницата кога човештвото повторно се најде на опасна линија, надворешната политика на Русија е насочена кон формирање на обединувачка и позитивна енергија, и развивање на взаемно полезна соработка со сите држави, рече меѓудругото амбасадорот Баздникин на Денот на руската дипломатија во Битола.

Цвеќе пред споменикот Руски крст во Битола положија градоначалничката Наташа Петровска, претставници на дипломатскиот кор од градот и државата, претставници на национални и локални институции, како и здруженија на граѓани од пелагонискиот регион.