Во Битола се одбележуваат 153 години од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев

Вработени во институции, установи, уметнички друштва и групи во Битола кои го носат името на великанот на македонското ослободително движење Гоце Делчев денеска го одбележуваат 4 февруари, денот на раѓањето на Делчев кој често доаѓал во овој град.

За престојот на Гоце Делчев во Битола сведочи Спомен-музејот отворен во минатиот век со постојана музејска поставка која содржи две изложбени простории.

Во првата просторија е сместена содржина „За животот и револуционерната дејност, на првоапостолот на македонското ослободително дело“. Во оваа просторија како континуитет на Гоцевата револуционерна дејност со бројни документи и фотографии прикажана е состојбата и настаните во Битолскиот револуционерен округ. Од бројните поместени експонати значајно место зазема револверот подарен од Гоце Делчев на Михаил Ракиџиев, сопственик на куќата и член на Окружниот комитет на Битолскиот револуционерен округ. Во составот на поставката поставена е витрина со симболите на револуционерната заклетва на Организацијата, како и оружје од Илинденскиот период.

Отворањето на Музејот Спомен-куќа на Гоце Делчев е иницирано од граѓаните на Битола, а по повод роденденот и во знак на сеќавање за престојот на Гоце Делчев во Битола во 1901 година, во куќата на чија спомен-плоча пишува дека Делчев на раководителите од Битола и Битолско исцрпно им ја осветлил борбата за национално и социјално ослободување, како и против врховизмот и со тоа придонесе да се засили револуционерното движење и револуционерниот дух меѓу масите во округот.