Израелски тенкови се распоредени околу Индонезиската болница во северниот дел на Газа, во која загинаа 12 Палестинци а десетици се ранети, соопшти во понеделникот Министерството за здравство на енклавата, додека борбите продолжуваат со најави за претстојниот прекин на непријателствата.
Израелската војска веднаш не ги потврди извештаите од болницата којашто ја финансира Индонезија, а палестинската новинска агенција WAFA соопшти дека зградата била погодена од артилериски оган.
Индонезиската болница, отворена во 2016 година со средства од индонезиски организации, престана со работа како и многу други здравствени установи во Газа. Но, портпаролот на министерството во Газа, Ашраф ал-Кидра, изјави дека внатре имало околу 700 луѓе, вклучувајќи медицински персонал и ранети.
На другиот крај на Појасот Газа, со кој управува палестинската исламистичка група Хамас, најмалку 14 Палестинци загинаа во два израелски воздушни напада врз домови во градот Рафа, во близина на границата со Египет, соопштија здравствените власти.
Израелската војска објави соопштение со видео снимки од воздушни напади и војници кои одат од куќа до куќа, наведувајќи дека убиле тројца команданти на Хамас и група палестински борци, но не наведе точни локации.
И покрај континуираните борби меѓу милитантите на Хамас и израелските сили, американските и израелските власти рекоа дека договорот за ослободување на некои заложници во палестинската енклава е сѐ поблиску, откако претходно во неделата негираа дека е постигнат договор со посредство на Катар. Амбасадорот на Израел во САД во интервју за американската телевизија ABC News изјави дека Израел се надева оти Хамас може да ослободи поголем број заложници „во наредните денови“.
Дел од хуманитарната помош влегува преку преминот Рафа на границата со Египет, каде подоцна во текот на денот се очекуваат 40 камиони со опрема за теренската болница во Емирати, се наведува во соопштението на граничната служба на Појасот Газа.
Израел вети дека ќе го уништи Хамас по дивеењето на милитантната група во Израел на 7. октомври, во кое нејзините борци убија 1.200 луѓе и зедоа 240 заложници, според израелските податоци. Како што конфликтот навлезе во седмата седмица, властите во Појасот Газа, управувана од Хамас, соопштија дека 13.000 Палестинци, вклучително и најмалку 5.500 деца, се убиени во тековното непрестајно израелско бомбардирање.
Израелските тенкови и војници навлегоа во Газа кон крајот на минатиот месец и оттогаш зазедоа големи области северно, северозападно и источно од градот Газа, но Хамас и локалните сведоци велат дека милитантите водат герилска војна во џебовите на тесниот, урбанизиран север, вклучително и делови од градот Газа и бегалските кампови, кампот Џабалија и крајбрежјето. Сведоците забележаа повремени тешки борби меѓу милитантите на Хамас и израелските сили кои се обидуваа да напредуваат кон Џабалија, каде живеат околу 100.000 луѓе, која Израел ја смета за клучно воено упориште.
Повтореното израелско бомбардирање на Џабалија, град северно од градот Газа, кој настана од камп за палестински бегалци во арапско-израелската војна во 1948 година, доведе до бројни цивилни жртви, велат палестинските болничари. Во неделата, израелската армија на социјалните мрежи и на арапски ги повика жителите на неколку населби во Џабалија да се упатат кон југ „за своја безбедност“ , и како резултат на тоа армијата соопшти дека ќе ги прекине воените операции помеѓу 10 часот и 14 часот.
По завршувањето на „паузата“, 12 Палестинци во Џабалија беа убиени во израелски воздушен напад врз куќа, соопшти Министерството за здравство во Газа. Палестинците тврдат дека постојаното израелско бомбардирање на јужниот дел на Газа ги прави апсурдни израелските ветувања за безбедност на луѓето кои се евакуираат кон југот на енклавата
Според последните воени податоци, од почетокот на израелската копнена инвазија во Газа на 27-ми октомври, загинале вкупно 64 израелски војници, покрај 312 војници кои загинаа во ненадејниот напад на Хамас на 7-ми октомври врз воените погранични бази во јужен Израел.