Во Босфор веројатно откриена и втора мина

Во водите на Босфорскиот теснец кој минува низ турскиот мегалополис Истанбул е откриена втората подводна мина, објави во саботата вечерта телевизискиот канал Т24 повикувајќи се на сопствени извори.

„Предмет за кој се смета дека е мина е откриен по вторпат, на брегот кај Сариер-Гарипче. По добивањето на известувањето екипите на Командата за подводна одбрана (SAS) започаа со работа во областа“, се наведува во кусата информација.

Засега нема официјална потврда на веста. Претходно во саботата беше откриена и уништена подводна мина во Босфорот, откриена северно од Истанбул. Мината, во горниот дел од Босфорскиот теснец, ја забележале рибари и за тоа ја известиле крајбрежната стража, којашто потоа испратила радио предупредување за пловилата во близина. Мината била видлива на површината на морето и ја носеле бранови.

По неутализирањето на мината, турските власти во саботата попладнето го отворија за пловидба теснецот Босфор, но останува забранет риболовот во крајбрежјето на Црното Море.

„Заради заштита на животите и имотите на нашите рибари и граѓани, од денеска до понатамошно известување, од зајдисонце до изгрејсонце се запира секаков риболов, вклучително и риболов со мали чамци“, објави на Twitter турското министерство за риболов.

Турција во Црното Море дели граница со Русија и со Украина. Руското разузнавање во понеделникот го повтори предупредувањето дека неколку мини отплутале во морето откако се одвоиле од каблите во близина на украинските пристаништа, но Украина ги отфрли таквите тврдења како „дезинформација и обид да се затворат делови од морето“. Москва претходно минатата сабота предупреди дека подводните мини во Црното Море, поставени од украинската армија околу пристаништата Одеса, Очаков, Черноморск и Јужни, би можеле да стигнат до Босфор.

Русија тогаш предупреди на поморски мини кои украинската воена морнарица ги поставила во целото Црно Море, по почетокот на руската офанзива во Украина, а кои би можеле да отпловат неконтролирано до Босфор или дури до Средоземното Море. Украинските поморски сили поставиле минска бариера во близина на пристаништата Одеса, Очаков, Черноморск и Јужни.

Според овие податоци, станува збор за околу 420 застaрени мини произведени во првата половина од минатиот век, и се предупредува дека бурите влијаеле врз кинењето на каблите кои ги поврзуваат мините со котвите и оти поради површинските морски струи кои се движат во јужна насока не е ислкучено плутање и придвижување на мините кон Босфорот, а потоа и кон морињата во Средоземноморскиот басен.

Црното Море е главната поморска артерија за пренесување жито, нафта и нафтени деривати. Поврзано е со Мраморното и со Средоземното море преку Босфор кои минува низ средиштето на Истанбул, најголемиот турски град со повеќе од 16 милиои жители.