Во Букурешт поставена биста на Никола Мартиноски

Министерот задолжен за дијаспора Едмонд Адеми денеска ќе открие спомен-биста на Никола Мартиноски во Букурешт, каде што нашиот познат сликар во 1927 година дипломирал на Школата за убави уметности.

Бистата на Мартиноски ќе биде поставена во паркот „Михаил Први“, на просторот каде што се сместени споменици на врвни имиња од светот на уметноста, книжевноста, филозофијата, политиката…

– Откривањето на бистата се случува три дена по 8 декември, Денот на македонскиот јазик во Романија кој, благодарение на истрајноста на македонската дијаспора во оваа земја и одлуката на романскиот парламент, претставува значаен датум за зачувување на традициите, културата и јазикот на македонското етничко малцинство во Романија – соопшти Кабинетот на Адеми.

Никола Мартиноски (Крушево, 1903 – Скопје, 1973) ја посетувал Школата за убави уметности во Букурешт од 1920 до 1927 година. Ги следел курсевите по цртање, декоративна уметност и сликање кај професорите Георге Миреа и Камил Ресу и скулптура кај професор Димитрие Пачуреа, а на крајот од школувањето добил прва награда за сликарство.