Во Црна Гора објавен расказ на македонскиот автор Томислав Османли

Во неодамна обновеното електронско списание „Плима“ кое се уредува во Улцињ, Црна Гора, и развива регионална, но и поширока, европска меѓународна соработка, деновиве е објавен расказот „Џебовите на генералот Кондиевиќ“ на македонскиот писател Томислав Османли.

Станува збор за проза во којашто авторот се занимава со остра иронизација на војничката решителност во услови на држава во процес на распаѓање. Расказот е саркастична фантазија за остатерниот и осамен генерал Н. Кондиевиќ којшто ги преживува моментите на трагичен воен распад на државата која бил повикан да ја одбрани. Тоа е проза за етичкиот вртлогот на совеста, одговорноста, нерешителноста и самооправдувањата на раководната личност соочена со решавачките мигови на историјата.

Покрај текстот објавен во одделот „Убави духови“, електронскиот портал ја објавува и богатата творечка биографија на македоскиот автор.

Ова е прва соработка на Османли со црногорското списание „Плима“ кое инаку се појавило во 1995 година, а од неодамна е обновено со уште поширока соработка. Денес порталот за општествени прашања и култура го уредува познатиот црногорски писател Андреј Николаидис познат и преведуван и кај нас. Инаку, негов основач и актуелен директор е истакнатиот писател, уредник и издавач Јован Николаидис.

Редакција ја сочинуваат повеќе респективни имиња од доменот на литераурата, литературната и општествена теорија.

Списанието чијшто слоган е „еманципациска култура и политика“ има нагласена критичка, антидогматска ориентација и соработува со широк круг исклучителни имиња на теориетичари, политички филозофи, социолози и уметници како од Европа така и од просторот на поранешната заедничка држава кои ги спојува критичкото промислување на заедничкото минато, предизвиците и дубиозите на политичките перспективи.

Инаку, расказот „Џебовите на генералот Кондиевиќ“ пред близу три години го објави белградскиот алтернативен портал „KontraPress“. Овој текст на Томислав Османли ја чека својата објава и на македонски јазик, најверојатно во неговата следна книга раскази која авторот ја подготвува за следната година.