Во Црна Гора продолжува низата апсења на „валканите“ полицајци

Со апсење на полицаец од Бијело Поље, црногорската полиција во средата ја продолжи серијата апсења на „валкани“ функционери на Полициската управа кои се осомничени за соработка со ткн Кавачки криминален клан.

Минатата седмица беше уапсен помошникот директор на црногорската полиција Дејан Кнежевиќ, кој е осомничен дека бил дел од криминална група управувана од Радоје Звицер, водачот на Кавачкиот клан, еден од двата завојувани црногорски клана, во чија војна се убиени повеќе од 50 лица.

Уапсениот во средата службеник за криминалистичко-разузнавачка анатолика на полицијата од Бијело Поље е обвинет дека е дел од криминална група која шверцувала марихуана од Црна Гора во Босна и Херцеговина и му е одредена мерка притвор во траење од 72 часа.

Во претходна акција уапсени се четворица полицајци од Подгорица и еден инспектор за наркотици од Котор. На национално ниво, црногорската полиција трага по уште тројца инволвирани полициски службеници од Котор и Подгорица.

Како што пренесува весникот Вијести, во досиејата на црногорското обвинителство стои дека група полицајци, наводни соработници на мафијата, парите добиени со шверц на кокаин ги користеле за да влијаат врз резултатите од парламентарните избори во август 2020 година, но и да назначат доверливи луѓе на раководни позиции во Полициската управа.

Како што пишуваат црногорските медиуми, акцијата за апсење на „валканите“ полицајци почнала откако Европол на почетокот од март ги испратил последните податоци собрани со следење на апликацијата Sky, која криминалците ја користеле за размена на криптирани пораки.

Црногорскиот портал Либертас објави дел од преписката, како и вознемирувачки фотографии кои поединечни полицајци им ги испратиле на водачите на Кавачачкиот криминален клан. На фотографиите се гледа како полицајците ги мачат членовите на спротивставениот клан на „кавчаните“, барајќи од нив да признаат тоа што не го сториле.

Водачот на инкриминираната полициска група со месеци е во притвор, а неговото семејство понуди гаранција од 6 милиони евра за условно ослободување, што црногорскиот суд го одби.

Премиерот Дритан Абазовиќ пред два дена поради серијата апсења на високи полициски функционери побара од првиот човек на црногорската полиција Зоран Брѓанин да поднесе оставка, што овој го одби. Црногорскиот премиер најави можност на седницата в четврток владата да го разреши Брѓанин.