Во Црна Гора вкупно 13 случаи на коронавирус

Во Црна Гора до петокот се потврдени 13 случаи на зараза со коронавирус, соопшти црногорскиот Институт за јавно здравје додавајќи дека во четвртокот се забележани пет нови случаи на инфекцијата.

Според Институтот, од петте новооткриени случаи првите три се поврзани со првиот случај на Covid-19 во Црна Гора, додека двата нови слулаи не се поврзани со досегашните случаи на заразата. Во моментов под здравствен надзор во земјата се 4,369 лица.

„Ова укажува на фактот дека не сме го почитувале она што е препорачано, да ја одржуваме социјалната дистанца, да водиме сметка за себе, но и за другите. Ова зборува за нашите навики кои мораме сега да ги заборавиме“, соопшти директорот на црногорскиот Институт за јавно здравје, Бобан Мугоша.

Во Црна Гора во петокот стапија на сила новите мерки за спречување на ширењето на коронавирусот, па е забрането во текот на возење со автомобил да има повеќе од две возрани лица. Полицијата и инспекцијата се задолжени за засилени контролора на лицата на кои им е одредена мерката за самоизолација.

„Доколку утврдат дека овие лица не постапуваат според изречените мерки, санитарната инпсекција и Управата на полицијата веднаш ќе поднесат крвични пријави на надлежното државно обвинителство поради извршување на кривично дело непостапување според здравствените прописи за сузбивање на опасната заразна болест, за што е пропишана казна затвор до една година“, сооппшти црногорската влада.