Сточарите од општина Дебар и Центар Жупа, почнаа со продажба на јагнињата, при што од вкупно 20 илјади до денес откупени се околу 1.500 јагниња.
– Цената се движи од 180 до 190 денари за килограм жива мера. Искрено меѓу сточарите постои незадоволство, но, ете мора да се продадат. Она што посебно треба да се нагласи е фактот дека оваа година на продажба се сите 20 илјади јагниња, зашто ниту еден од сточарите не покажа волја да зачува јагниња за зголемување на стадата, кои од година во година сè се помалубројни, изјави за МИА, Скендер Аме, претседател на здружението на одгледувачи на овци „Даши“ кое ги опфаќа сточарите од двете општини.
Според него, ако до пред три години вкупно на ова подрачје имало над 40 илјади грла овци, моментно нивниот број е за 10 илјади помал.
-Причините пред сè лежат во фактот што младите заминаа во западно европските земји и САД. Во последните три години десет сточари, кои имаа големи стада истите ги продадоа а тој тренд продолжува. Влијание има и тоа што за јагниња нема субвенции. Покрај другото се соочуваме и со проблемот со недостиг на овчари. Порано ги обезбедуваме од соседна Албанија, но и тамошните млади замина на запад, додава Аме.
Јагнињата, како и дебарското сирење, кое се произведува на традиционален начин се познати по својот квалитет.
Сирењето главно се пласира на домашниот пазар, додека јагнињата, години на ред завршуваат, пред сè,на италијанскиот пазар.