Во декември ќе биде пуштен во употреба експресниот пат Крупиште – Кочани

Делницата Крупиште – Кочани од експресниот пат Кочани – Штип се очекува да биде готова до декември, најави денеска директорот на ЈП за државни патишта Ејуп Рустеми кој со министерот за транспорт Благој Бочварски изврши увид на активностите за изградба на мостот на Злетовска река, еден од четирите проектирани моста на делницата.

Првата делница од експресниот пат Штип – Радовиш, пак, е реализирана над 90 отсто и се очекува да биде пуштена пред рокот, до април или мај годинава.

Инвестицијата во делницата Крупиште – Кочани во должина од 13,7 километри изнесува 18,2 милиони евра. Првата делница од Штип до Крупиште е во функција од минатата година. Вкупната должина на целиот експресен пат е 28 километри, а инвестицијата 37,3 милиони евра.

Овој нов патен правец почнува кај местото Три чешми кај Штип, а се надоврзува на веќе завршениот автопат Миладиновци – Свети Николе  – Штип. Идната максимална брзина на движење на експресниот пат ќе биде 100 километри на час.

Втората фаза од експресниот пат Кочани – Штип моментно се работи на армирано бетонски објекти, мостови и натпатници, обезбедување материјали за коловозна конструкција и други земјени работи. Покрај четирите моста превдидена е и изградба на две клучки кај Кочани и кај Спанчево, два потпатника и три натпатника. Патот ќе биде со ширина од 11,4 метри со две сообраќајни ленти од по 3,5 метри, две ленти за принудно застанување и две работни ленти.

Низ државата моментно се градат 110 километри експресни патишта во кои се инвестираат 168 милиони евра.