Во дербито со пресврти Баер подобар од Борусија Д, кикс на Шалке

Во дербито на 21-то коло од германското првентство во саботата, Баер пред своите навивачи во Леверкузен во „луд“ натпревар со 4:3 ја совлада Борусија од Дортмунд приближувајќи ѝ се на водечката четворка во борбата за пласман во Лигата на шампионите следната сезона.

Кевин Воланд ги донесе домашните во водство од 1:0 во 21 минута, но веќе во следниот напад гостите израмнија преку Матс Хумелс а веќе во 33 минута направија резултатски пресврт со голот на Емре Чан. Воланд со својот втор погодок на мечот во 43 минута се погрижи на полувреме да се отиде без предност за некоја од екипите. Борусија повторно беше во водство од 64 минута кога погоди Рафеал Гереро и тој резултат важеше до десет минути пред крајот на мечот. Тогаш на сцената стапија домашните играчи и за две минута направија пресврт а предноста ја одржаа до крајот. Во 81 минута погоди Леон Баилеј а во следната минута погоди Ларс Бендер.

Борусија Дортмунд остана третата на табелата со 39 бодови, колку што има и четвртопласираниот истоимен тим од Менхенгладбах но со меч помалку. Во водстсво се Баерн со 42 и Лајпциг со бод помалку. Баер Леверкузен сега има 37 бодови и е петти.

Во првиот саботен меч Вофлсбург и покрај водството на гостинската Фортуна и цело полувреме со играч помалку, успеа да освои бод. Форутина поведе во 13 минута преку Матијас Цимерман и успеа со предност да замине на полувреме. По само три минути игра во вториот дел, од игра кај Волфсбург беше исклучен Марин Понграчиќ, но само две минути подоца Ренато Штефен го постигна израмнувачкиот погодока а резултатот 1:1 беше важечки и на крајот.

Волфсбург остана десетти со 28 бодови, а Фортуна се одржува на 16-та позиција, која води во бараж за опстанок, со 17 бодови, четири помалку од безбедната позиција.

Шалке 04 киксираше на домашен терен во дуелот со последнопласираниот Падеборн и одигра само 1:1. Домашните повеќе од еден час се мачеа да дојдат во водство, а тоа на крајот им успеа во 63 минута кога стрелец беше Амхмед Кулучу. Но, сепак, дозволија да бидат изненадени во 81 минута, кога за гостите израмнување донесе Клаус Гјашула.

Шалке со ремито го загуби чекорот со Баер во борбата за петтата позиција, и остана со два бода помалку – 35 бодови на шестото место од кое се играат квалификации за Европската лига. Падеборн и натаму е последен со 16 бодови.

Во дерби мечот за бегство од опасната зона Херта и Мајнц одиграа борбен натпревар со извонредно возбудлива завршница во која гостите успеаја да слават со 3:1. Робин Квејсон го доводе Мајнц во 17 минута а водството на својот тим го удвои истиот играч во 82 минута. Надежите на домашните ги врати во 84 минута Дедрик Бојата, но Херта по четири минути остана без исклучениот Мариуш Волф. Сите дилеми за исходот беа разрешени со третиот погодок на мечот на Квајсон во четвртата минута од судиското продолжение од пенал.

Херта и покрај поразот остана на 14-та позиција со 23 бодови, но сега само два бода повеќе од 15-от Мајнц.

Гостинска победа оствари со 2:0 и Унион Берлин кај Вердер. Двоен стрелец за гостите беше Мариус Билтер во 52 и 72 минута. Вердер и натаму е претпоследен 17-ти со 17 бодови, а Унион Берлин се проби на 11-то место со 26 бодови.

Во недела се среќаваат Борусија Менхенгладбах и Келн, а во 18 часот се игра дербито меѓу Баерн и Лајпциг.