Во Доњецк тврдат дека загинале 30.000 украински војници во Донбас

Од почетокот на руската инвазија во Украина, или како што Москва официјално ја нарекува „специјална воена операција“, загинале повеќе од 30.000 украински војници, околу 90.000 се ранети а уште 10.000 се заробени, изјави во вторникот Даниил Безсонов, задолжен за информации во самопрогласената Доњецка Народна Република.

„Според податоците на нашата војска, притоа и од неофицијални податоци, тие (украинската војска) имаат (загуба) од повеќе од 30.000 (мртви) (…) Во тоа не се смета фактот што веќе имаме, веројатно околу 10.000 во заробеништво. Според тоа Украина има сериозни загуби“, изјавил Безсонов за тв каналот Соловьев LIVE, пренесува агенцијата ТАСС.

Појаснил дека вообичаено во војна односот меѓу загинатите и ранетите учесници во борбени дејствија е еден наспроти тројца или четворица, „па ако имаат 30.000 мртви, тогаш имаат најмалку 90.000 ранети.

Безсонов додал дека и покрај тоа што во моментов во неколку региони во источна Украина се водат жестоки судири, тој не поседува податоци за загинати и ранети украински војници во регионите на Николаев, Херсон и Харков. Истакнал дека линијата на фронтот е „многу долга“ и дека „може да има повеќе загинати“ украински борци.

Оценил и дека за критичната состојба во вооружените сили на Украина, зборува и фактот што командата во Киев решила да испрати дополнителни трупи за деблокирање на украинските единици во Лисичанск и Северодоњецк.

„Специјални сили не се испраќаат на такви задачи“, заклучил Безсонов.