Во домот направете еколошко чудо

Глобалното затоплување, многубројниот отпад и загрозувањето на природните ресурси е главна грижа не само на екологистите, туку и на сите нас.

Додека секојдневно земаме „здраво за готово“ сето она што природата со години ни го обезбедува, често не помислуваме дека природните ресурси не се вечни.

Денот на планетата Земја, 22-ри април не потсетува дека екологијата треба да стане дел од нашиот секојдневен живот.

Најголемите еколошки проблеми се предизвикани од страна на индустријата, но иако не можеме да ги решиме, животната средина и енергија можеме да ја сочуваме. Без премногу напор започнувајќи од домот можеме да создадеме вистинско еколошко чудо. Можеби голем дел од луѓето едноставно ќе ги  игнорираат советите за подобрување на еколошките навики бидејќи едноставно немаат никаков проблем и не сакаат да трошат време, но најлошото е што сите почнуваме да ги применуваме еколошките навики дури откако ќе почувствуваме здравствен проблем. Во тој случај се трудиме да најдеме органска храна, бидејќи јасно ни е дека земјата станала премногу загадена за да имаме здрава храна, бараме средства за чистење кои немаат хемикалии кои можат да бидат многу штетни и отровни, дури половина од нив содржат состојки што можат сериозно да ги оштетат белите дробови, но и не ја загадуваат околината. Се повеќе се враќаме кон старите лекови од најразлични тревки кои ги имаме како природно богатство, бараме органска козметика и многу други активности. Но како што знаете, секогаш е подобро да се спречи отколку да се лекува.

Заменете ги хемикалиите со природни средства за чистење

Скоро на сите комерцијалните средства за чистење стојат предупредувања да се чуваат подалеку од деца и да се избегнува допир со кожата, додека пак нивното разградување во почвата трае и повеќе од 30 години.

Овие хемиски средства исто така се полни со различни штетни хемикалии опасни по здравјето при контакт но и со нивното испарување во воздухот. Многумина ќе се изненадат од фактот што многу производи кои се користат во домаќинството за подготвување храна и сл. можат одлично да послужат за еколошко чистење на домот.

Користењето на природни средства за чистење можеби од почеток ќе ви изгледа малку чудно, но со текот на времето нема да сакате да помислите на средствата од рафтовите по продавниците. И што е најинтересно – ќе заштедите, природните средства за чистење се прилично евтини и лесно достапни, едноставно се користат, така што немате причина да не пробате.

 

ОЦЕТ – Оцетот всушност се користи како универзално средство за чистење. Се што треба да направите е да помешате еднаква количина од оцет (алкохолен) и вода во еднакви делови во шише со распрскувач и ќе добиете раствор со кој можете да ги чистите речиси сите површини во домот. Единствено не треба да се користи на камени и мермерни површини. Во растворот можете да додадете и неколку капки средство за чистење на природна база (универзално, или за садови) и неколку капки етерично масло од еукалиптус, чајно дрво или жалфија за подобар мирис.

Оцетот е одлично природно средство за чистење, кое истовремено дезинфицира и дезодорира. За секоја сигурност прво тестирајте го средството на мала површина која не се гледа за да осигурате дека нема да доведе до промена на бојата или какво било оштетување. Ако во растворот ставите поголема количина оцет, средството ќе биде кисело, и може да ги разјаде на пример фугите на плочките.

Истурете чист оцет во шолјата, оставете да отстои петнаесетина минути, истругајте ја со четка и пуштете вода.

Дали сте знаеле дека оцетот можете да го користите и како природна замена на омекнувач за алишта? Ова е посебно корисно за луѓе со чувствителна кожа. Ставете пола чаша оцет во преградата за омекнувач, наместо купечките омекнувачи, и ќе добиете меки алишта .Растворот од оцет и вода можете да го искористите за скоро сите елементи и апарати во кујната: со него можете да ги избришете површините на работната маса, кујнските елементи, шпоретот, апаратите што ги користите. Не заборавајте и на подот. Внатрешноста на рерната редовно пребришувајте ја со крпа натопена со оцет. На тој начин ќе спречите насобирање на загорени наслаги во неа. Оцетот можете да го искористите и во машината за садови: за чистење на машината за садови, откако ќе почне да полни машината, сипете 0,5 л. оцет, и оставете ја да работи „на празно“. За миење на садовите, наполнете ја машината со неразреден оцет наместо купечките средства за миење садови и ќе видите дека ќе ја заврши истата работа. Садовите ќе бидат чисти и сјајни.

Растворот од оцет и вода исто така може да се користи и за чистење на прозорци, огледала и сите други стаклени површини во вашиот дом.

 

СОK ОД ЛИМОН – Сокот од лимон може да се искористи за да се исчистат наслаги од сапун или бигор. Намачкајте ја површината, оставете да отстои 10-15 минути и избришете со крпа. Со лимонот одлично ќе се исчистат и исполираат предмети од бронза или бакар. Помешајте сок од лимон со оцет или сода бикарбона за да добиете смеса слична на паста. Нанесете на шпоретот и ринглите, внимателно истријте, оставете да постои 5 минути, пак истријте и исплакнете убаво.

Внимавајте – лимонот делува како природен избелувач! Токму поради овие негови својства може да се користи како средство за отстранување на флеки. Сокот од лимон, исто како и оцетот, може да се додаде во млака вода и растворот да се искористи за чистење на подовите.

 

СОДА БИKАРБОНА – Содата бикарбона може да се користи за чистење на површини исто како комерцијалните абразивни средства за чистење. Се користи за полирање и избелување, како и за отстранување на непријатни мириси. Со сода можете да ја чистите кадата, мијалникот, тоалетната школка, плочките и елементите во бањата. Исто така, со сода бикарбона можете одлично да го исчистите шпоретот, фрижидерот, и останатите апарати и елементи во кујната. Истурете сода бикарбона на површините кои сакате да ги чистите, истријте со влажно сунѓерче или крпа и исплакнете со вода или пребришете со чиста крпа. Со сода бикарбона можат да се чистат површини од мермер, пластика, сребро, бакар, челик, стакло и порцелан, единствено не се препорачува за чистење на алуминиум. Избришете ги прозорците со раствор од сода бикарбона за капките дожд да не остануваат на стаклото. За отстранување на непријатни мириси ставете сода бикарбона во соодветен сад во фрижидерот или замрзнувачот. Можете да ја искористите каде сакате за да се ослободите од непријатни мириси: на дното на кантата за ѓубре, во автомобилот, во патики и чевли, на теписонот … и т.н. Исто така, за отстранување на непријатни мириси и темелно чистење, во раствор од сода бикарбона можете да ја измиете кантата за ѓубре, шишињата и термосите за деца, пластични садови, чешли и четки, завесите во бањата и т.н.

Содата се користи за отстранување на мрсни дамки, како и за чистење на (масни) подови. Содата бикарбона можете да ја употребите и за перење алишта, во комбинација со прашокот за перење што го користите. Измешајте еднакво количество на прашок и сода и ставете ги во преградата за прашок. Алиштата ќе бидат меки и чисти, а вие ќе заштедите пари за прашок и ќе се заштитите од хемикалиите што ги содржи. Со сода исто така можете да ја исчистите и самата машина за перење од бигор, каменец, остатоци на прашок и омекнувач. Ставете околу 300 г. сода бикарбона и вклучете ја машината да испере на 95 степени празна. Потоа можете да ставите 1 л. оцет и уште еднаш да ја пуштите празна на 95 степени. Содата и оцетот ќе ги исчистат лошите миризби и бактериите и мувлата која не ја гледаме внатре.

 

Затоа е потребно да тргнеме од себе и да делуваме за климатските промени. Проектот „Да зборуваме за климатските промени“ финансиран од Делегација на Европска Унија во земјава, на кој работат здруженијата Центар за истражување информирање за животна средина ЕКО-СВЕСТ,  CNVP –Macedonia и Движењето на екологистите во Македонија-ДЕМ, а преку него гласно говорат во државава.