Во уште еден драматичен расплет, фудбалерите на Србија успеаја да дојдат до бод со гол во последните секунди од дуелот против Словенија во Минхен, играјќи 1:1 во натпреварот од 2.коло од групата Ц на Европското првенство.
Словенија поведе со голот на Жан Карничник во 69. минута, а Лука Јовиќ погоди за Србија во петтата минута од судиското надополнување. Во групата води Англија со три бода, Словенија има два, а Данска и Србија по еден.
За дуелот со Србија, Матјаж Кек на теренот го испрати истиот состав кој стартуваше и го носеше најголемиот товар во освојувањето бод против Данска во првото коло, додека Драган Стојковиќ направи играчки, но и тактички измени во однос на мечот против Англичаните, во кои поради повреда остана без Филип Костиќ до крајот на турнирот.
Костиќ во стартниот состав беше заменет со 35-годишниот капитен на репрезентацијата Душан Тадиќ и го зазеде местото на половина напред, зад напаѓачкото дуо Душан Влаховиќ и Александар Митровиќ и со тоа стана најстариот играч во историја на српската репрезентација кој започнал натпревар на завршниот евротурнир. Во средниот ред од стартниот состав отпаднаа Немања Гудељ и Сергеј Милинковиќ-Савиќ, а влегоа Филип Младеновиќ и Иван Илиќ.
Овие промени на почетокот од мечот не донесоа позитивно поместување во играта на српската репрезентација. Словенците подобро влегоа во играта и во првите десет минути двапати сериозно му се заканија на српскиот голман Предраг Рајковиќ. Во 4. минута Адам Гнезда Черин шутираше непречено од 20-ина метри, но топката отиде директно во Рајковиќ. Во уште подобра ситуација се најде Јан Млакар во 8. минута. Поранешниот напаѓач на сплитски Хајдук влезе во шеснаесетникот од десната страна, шутираше во поблискиот агол, но Рајковиќ со нога успеа да го одбрани.
Србија до 27. минута беше без шут кон противничкиот гол. Потоа Влаховиќ се обиде со глава, но неговиот удар беше лесен плен за добро поставениот словенечки капитен Јан Облак. Сепак, тоа беше знак дека избраниците на Стојковиќ почнаа да се будат и поконкретно да се закануваат кон словенечкиот гол. Во 31. минута Тадиќ одлично нафрли од корнер до спротивната статива, но Млакар успеа да ја исфрли топката пред Митровиќ на метра-два од гол-линијата.
По овоој период на подобра игра на српските фудбалери, Словенија во 38. минута ја имаше својата најдобра шанса на натпреварот. Тими Макс Елшник искористи грешка во одбраната на Србија, влезе во шеснаесетникот и со силен удар го совлада Рајковиќ, но топката ја погоди стативата. Сепак, се одби кон средината на шеснаесетникот, каде прв на неа стартуваше Бенјамин Шешко. Сепак, словенечкиот напаѓач не ја фати добро топката, испраќајќи ја преку пречката.
Во 42. минута Србија ја имаше најубавата шанса преку Митровиќ. Словенците им дозволија на противниците да комбинираат во нивниот шеснаесетник. Митровиќ искористи одлична топка, се ослободи од својот чувар во шеснаесетникот, но Облак влезе во неговиот удар и со тоа го спречи да го постигне првиот гол на српската репрезентација на Еврото во Германија.
Во финишот на полувремето се обиде да се закани на Саша Лукиќ со удар надвор од шеснаесетникот, но топката заврши во блокот.
Прва Србија се закани во вториот дел. Во 47. минута Тадиќ и Митровиќ одлично комбинираа по десната страна од шеснаесетникот. Тадиќ со одлична топка го испрати Митровиќ во ситуација еден на еден против Облак, но одличниот словенечки голман уште еднаш го скуси аголот и го одбрани ударот на српскиот напаѓач.
Потоа Јака Бијол несмасно интервенираше пред Јан Облак и за малку ќе ја испратеше топката во сопствената мрежа, но во 50. минута Митровиќ повторно имаше шанса, но неговиот удар со глава беше кусо одбиен од Жан Карничник, но доволно за топката да замине над пречката.
Словенија во второто полувреме направи малку до 58. минута, а потоа Предраг Рајковиќ со уште една одлична интервенција ја сочува својата мрежа. Во контранапад беше Бенјамин Шешко, немаше голема помош од соиграчите, па реши да се обиде да го изненади српскиот голман од 25 метри. Шутираше со десната нога од левата страна кон спротивниот горен агол, но Рајковиќ се испружи и ја „извади“ топката од под пречката.
Во 65. минута Митровиќ имаше уште една шанса, но од десетина метри ја испрати топката над голот. И кога се чинеше дека Србија сепак ќе успее да постигне гол од толку прилики, топката заврши во мрежата на спротивната страна. Жан Карничник ја зеде топката од средината на теренот и ја испрати на левата страна кон Тими Елшник. Полека, словенечкиот играч за врска тргна во контранапад, а потоа испрати одлична приземна топка кон спротивната статива каде што се прикраде од втор план Карничник и ја испрати топката во мрежата за Словенија да поведе во 69. минута.
Тоа беше втор гол на десниот дефанзивец за репрезентацијата на Словенија. Но, Карнички беше насекаде на овој натпревар. Во 72. минута беше тој што го спречи Митровиќ да постигне гол, кога влезе во неговиот удар во висина од шеснаесетникот и ја закаќи топката која ја погоди пречката но не заврши во мрежата.
Карничник дојде во прилика уште еднаш да му се закани на Рајковиќ, но во 79. минута неговиот удар од повеќе од 20 метри мина покрај стативата. Словенија од 80. минута им го предаде поседот на српските фудбалери и ги чуваше приодите кон сопствениот гол. Србија испроба безброј нафрлувања во шеснаесетникот, но збиената и концентрирана словенечка одбрана успеа да ги елиминира сите опасности.
Требаше тоа да го стори само уште еднаш, при последниот удар од корнер на Србија. Нафрли Иван Илиќ, топката отиде во шумата од играчи кои беа на работ од петнаесетникот. Најснаодлив меѓу нив беше Лука Јовиќ, кој ја подметна главата и ја сврти топката, а таа заврши во мрежата покрај Јан Облак. Кај српските фудбалери и навивачи завладеа делириум, а на спротивната страна тага за загубените бодови. Лука Јовиќ така ја остави Србија во игра за пласман во осминафиналето, а Словенија во последното коло ќе мора да бара пат до нокаут фазата против Англија и резултат кој ќе ѝ одговара од судирот меѓу Србија и Данска.