Во две одвоени акции на припаднциита на министерството за внатрешни работи во вторникот запеленети се 143 килограми марихуана, информираше во средата на прес-конференција директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) Лазе Велковски
Во првата акција запленети се 55 килограми марихуана која на нарко пазарот е со вредност од 150 илјади евра и дека се лишени од слобода седум лица, од кои шест македонски државјани и едно лице од Албанија, прецизираше Велковски.
Дрогата била запленета во близина на Маврови Анови на патниот правец Дебар – Гостивар.
Како што појасни директорот, во акцијата лишени се од слобода и четири лица од скопско Студеничани кои со две патнички моторни возила „ауди“ и „БМВ“ ја превезувале марихуаната од Дебар и требало да ја транспортираат до Солун. Веднаш потоа уапсен е и Албанецот кој на нелегален премин ја внел дрогата во државава. Полицијата ги лишила од слобода уште двајца македонски државјани кои ја презеле дрогата од Албанецот и ја предале на лицата од Студеничани.
Во вториот случај на граничниот премин Деве Баир при преглед на товарно возило полицијата запленила 88 килограми марихуана спакувана во најлонски фолии во внатрешноста на приколката. Во акцијата полицијата го лишила од слобода возачот кој е албански државјанин.
Директорот на БЈБ Велковски информираше дека по целосно документирање на случаите против сите лица ќе бидат поднесени пријави.