Во ек на пандемија, вработените во одбраната без здравствено осигурување

Војниците и вработените во армијата 50 дена се без здравствено осигурување, објави Сител.
Од синдикатот на одбраната и безбедноста тврдат дека правото на бесплатно здравство го изгубиле во ноември лани.

„Не сме здравствено осигурени од 01 декември 2020 година до вчера, денеска е се уште работен ден. Значи невозможно е, ние сме примиле плата во декември и јануари а немаме здравствено. Тоа го увидовме кога по реакција на нашите членови кои заминале дали заради себе или за својата фамилија на лекар и таму се изненадени дека државна институција како што е Министерството за одбрана има забрана за здравствено осигурување“, вели Ристо Ајтов, Претседател на синдикат на одбрана и безбедност.

Дури денеска напладне електронскиот систем на фондот го запалил зеленото светло кое дозволува користење на здравствените услуги за вработените во одбраната.. Од министерството негираат дека речиси два месеца нивните вработени немале здравствено.. Велат, денеска се појавил проблемот.

„Од Фондот, Министерството беше известено дека здравственото осигурување (само денес) е прекинато заради тоа што во нивниот информатички систем се јавува лице за кое не е платен придонес за здравствено осигурување за месец октомври 2020 година. Проблемот е решен и здравственото на вработените во Министерството за одбрана е активирано во 12:30 часот“.

Од синдикатот велат дека неколкупати досега се случувало вработените во одбраната да останат без здравствено, но како што велат, никогаш не добивале објаснување што било причината за тоа.