Во експлозија во хотел во Хавана загинаа најмалку осум лица, а 30 се повредени

Најмалку осум лица загинаа, а 30 се повредени во експлозијата во хотелот „Саратога“, во центарот на кубанската престолнина Хавана, соопшти кубанската влада на Твитер, пренесе Тасс. Според првичните наоди,  експлозијата била предизвикана од истекување на гас, јави кубанското претседателство на Твитер.

Фасадата на хотелот со „5 ѕвезди“, што има 96 соби, два ресторана и базен на покрив, беше сериозно оштетена од експлозијата во 11 часот по локално време (15 часот по Гринич), пренесоа француските меидуми.

Над булеварот Прадо, каде што се наоѓа хотелот, се крева огромен ѕид од чад.

Во експлозијата се уништени и повеќе автомобили што биле во близина на зградата.

На местото на експлозијата веќе пристигнале кубанскиот претседател Мигел Дијаз-Канел, како и премиерот Мануел Мареро и претседателот на парламентот Естебан Ласо.