Германската полиција соопшти дека во денешната експлозија на локацијата „Хемпарк” во Леверкузен, загина едно лице, а 31 се повредени, од кои петмина се на интензивна нега, додека уште четири се водат како исчезнати.
– Ова е трагичен момент за нашиот град, рече градоначалникот на Леверкузен, Уве Рихрат.
По експлозијата на резервоарот со растворувачи во фабриката за хемикалии во западниот германски град Леверкузен, противпожарната единица по три часа борба со стихијата успеа да ја спречи опасноста од втора експлозија, за ДПА наведе државен службеник.
-Резервоарот содржел 100.000 литри многу запалив, токсичен отпаден материјал, изјави министерот за внатрешни работи на Северна Рајна Вестфалија, Херберт Реул, додавајќи дека во „Хемпаркот” се распоредени 300 пожарникари.
Полицијата побара од жителите во областите во близина на местото на експлозијата да останат во своите домови и да ги затвораат вратите и прозорците и побара да се исклучат системите за климатизација, додека се вршат мерења на загадувањето на воздухот поради евентуален токсичен гас.
Граѓаните беа предупредувани на „екстремна опасност” со сирени и преку мобилна апликација на германската цивилна заштита, а тој простор и околните патишта беа затворени за сообраќај поголемиот дел од денот.