Во експлозија и пукање 155 убиени во џамија на Синај

Најмалку 155 луѓе се убиени а уште десетици други се ранети во синхрозиниран вооружен и бомбашки напад врз џамија во петокот на египетскиот Синајски полуостров, соопшти државната телевизија повикувајќи се на безбедносни извори.

Експлозијата се случила во текот на пладневната петочна молитва пред вооружените напаѓачи да отворат оган врз верниците кои ја напуштале џамијата, се наедува во извештајот во кој се цитираат безбедносни извори и очевидци.

Полицијата соопшти дека исламистички милитанти ја нападнале џамијата ал-Равада во градот Бир ал-Абд, 40 километри од ел-Ариш, главниот град на покраината Северен Синај.

Околу 80 лица, исто така, се повредени во нападот, изјавил портпаролот на египетското минситерство за здравство.

Ниту една група досега не ја презема одговорноста за овој масакр, но кој ги има трагите на терористичката исламистичка групација Вилает Синај, којашто пред две години ѝ изрази лојалност на ултрарадикалната сунитска групација Исламска држава.

Египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси свика итен состанок на безбедносните структури веднаш по напшадот, објави државната телевизија. Истовремено објавена е тридневна жалост во целата земја.

На синајскиот полуостров е воведена вонредна состојба од октомври 2014 година, по смртоносниот напад во кој беа убиени 33 египетски војници.

Милитнатите главно напаѓаат во зафрлените делови од северен Синај, каде што групацијата Ансар Баит ал-Макдис (Бранителите на Ерусалим) во 2014 година ѝ изрази лојалност на екстремната сунитска групација Исламска држава. Нападите на овие исламисти, покрај врз полицијата и вооружените сили, се насочени и кон египетските христијани Коптите и кон странските туристи.