Во експлозија убиен лидерот на побунетиот Донбас, Путин вети казна за организаторите

Во експлозија на бомба поставена во ресторан во Донецк, во петокот е убиен претседателот на самопрогласената Народна Република Донецк во побунетите источни украински региони, Алескандр Захарченко, а осомничениот за терористичкиот чин е уапсен, пренесуваат медиумите, а Кремљ соопшти дека рускиот претседател Владимир Путин посочил дека со овој чин станало јасно кој во Украина го избрал патот на теророт и оти очекува организаторите на убиството да ја добијат заслужената казна.

„Во моментов во републиката е воведена вонредна состојба, границите се затворени, осомничените за извршување на овој терористички акт веќе се приведени“, изјавил за телевизијата Россия-1, советникот на Захарченко, Александр Казаков.

Дописниците на руските медиуми од Донец пренесуваат дека во градот ситуацијата е мирна, на улиците нема воени единици, и оти сите служби функционираат во редовен режим, како и дека според вообичаениот редослед се одвива и градскиот и приградскиот јавен транспорт. Движењето е блокирано само во областа на инцидентот, а не се забележуваат напната атмосфера меѓу граѓаните.

Претходно беше објавено дека во експлозија во локалот „Сепар“, на неколку стотина метри од резиденцијата на челникот на Донецката народна република, при што првично беше јавено дека загинало а уште три се ранети. Подоцна беше потврдено дека загинал претседателот на самопрогласената република Александр Захарченко, а министерот за приходи Александр Тимофеев бил сериозно ранет и хоспитализиран.

Извори во властите на Донецк рекле дека Захарченко, кој своевремено на почетокот од бунтот во 2014 година во интервју за западните медиуми дека е етнички Украинец кој не се согласува со превратот во Киев, починал од повреда во главата.

„Челникот на ДНР почина од тешка повреда на главата. Експлозијата зафатила голем простор. Раната била фатална“, рекол неименуван извор за агенцијата РИА.

Советникот на Захарченко, Алескандр Казаков за агенцијата дека експлозијата се третира како терористичка чин, кој бил специјално подготвен. Според него, експлозивната направа била поставена претходно. Јавниот обвинител во Донецк отворил истрага за делото „терористички чин“, и се спроведуваат непосредни оперативни истражни мерки.

Рускиот претседател Владимир Путин, изразувајќи сочувство до семејството и блиските на претседателот на ДНР, изјавил дека Захарченко бил вистински народен лидер, храбар и решителен човек, патриот на Донбас, кој во тешките моменти за неговиот роден крај застанал во негова одбрана, понесувајќи голема лична одговорност. Путин додал дека очекува заслужена казна за организаторите и извршителите на злосторството.

„Подлото убиство на Александр Захарченко е уште еден доказ кои се оние кои ги избраа патот на теророт, насилството, заплашувањето, и кои не сакаат да се најде мирно политичко решение на конфликтот, не сакаат да водат вистински дијалог со народот од југоистокот. Туку, напротив, прават опасен обид за дестабилизација на ситуацијата, со цел да го стават народот на Донбас на колена. Тоа нема да им успее“, порачува Путин во телеграмата до семејството на Захарченко и властите во Донецк.

Претседателот изразил сочувство и до сите жители на Донбас порачувајќи „Русија секогаш ќе биде со вас“.