Во Емиратите ќе се гради првиот хиндуистички храм

Свечената церемонија на поставување камен-темелник за првиот хундуистички храм во Обединетите Арапски Емирати се одржа во Абу Даби, објави во саботата емиратскиот портал The National.

Церемонијата се одржала на местото на кое ќе се изведуваат градежните работи во присуство на поканети високи хундуистички личности и функционери од Емиратите. Се очекува израдбата на храмот да биде завршена следната година.

Парцелата на која ќе се гради храмот на хундуската заедница како подарок ја даде престолонаследникот на Абу Даби, шеикот Мохамед бин Зајед ал Нахјан. Розовиот варовник и мермерот, од коишто ќе биде изграден храмот, ќе бидат испорачани од северната сојузна индиска држава Раџастан. Храмот ќе наликува на познатиот Акшардам во Њу Делхи.

Оваа свечаност е дел од манифестациите кои се одржуваат во ОАЕ годинава која е прогласена за Година на толеранцијата. Претходно во февруари, папата Франциск престојуваше во историската прва посета на поглавар на Римокатоличката црква на Арапскиот полуостров.